Марин Ле Пен се враќа со план за соборување на владата, Макрон во ќош

Марин Ле Пен се враќа во политичката арена со план за соборување на владата на Франција. Гласањето за недоверба е на 8 септември, што може да доведе до нови избори и политички пресврт.

Франција се наоѓа на работ на голема политичка криза. Марин Ле Пен, лидерка на крајно десничарската партија Национално обединување, и покрај забраната за кандидатура, започна офанзива со цел да ја урне владата на премиерот Франсоа Бајру. Гласањето за недоверба е закажано за 8 септември и може да доведе до вонредни парламентарни избори, па дури и до оставка на претседателот Емануел Макрон.

Иако сѐ уште се соочува со забрана за учество на избори поради пресуда за злоупотреба на средства од ЕУ фондовите, Ле Пен нема намера да седи на страна, додека, според неа, француската политика тоне во долгови и мерки на штедење.

„Само распуштање на парламентот може да му овозможи на народот да ја избере својата судбина – обновата преку Национално обединување“, напиша Ле Пен на мрежата X

Макрон и Бајру не ја очекуваа Ле Пен

Премиерот Бајру и претседателот Макрон се обидуваат да протуркаат буџетски пакет на штедење вреден 43,8 милијарди евра, уверени дека Ле Пен ќе биде во дефанзива. Но, Национално обединување не само што ќе гласа за пад на владата, туку им се приклучуваат и левичарски партии.

„Овие луѓе мислат дека сите се расипани како нив“, рече пратеникот Лоран Жакобели. „Но тоа само покажува колку малку ја познаваат Марин Ле Пен.“

Што ако владата падне?

Доколку владата биде соборена, Макрон ќе мора да назначи нов премиер – можен кандидат е министерот за одбрана Себастиен Лекорну. Но тоа би била третата малцинска влада во само една година, што ја продлабочува политичката нестабилност.

Според истражувањето на Ifop, 63% од Французите бараат нови избори, а тој број расте на 86% кај поддржувачите на Ле Пен.

Економијата под притисок, Ле Пен нуди алтернатива

Јавниот долг на Франција достигна 113% од БДП, а дефицитот 5,8%. Со јавна потрошувачка од 57% од БДП, Франција е лидер меѓу развиените економии. Даночната стапка изнесува 44% – највисока во ЕУ.

Бајру предлага замрзнување на платите во јавниот сектор, кратење на социјалната помош и укинување на државни празници. Ле Пен пак, во писмо до премиерот, предлага: Ограничување на францускиот придонес кон ЕУ на 20 милијарди евра (од сегашни 23). Крај на субвенции за обновливи извори (8 милијарди). Сечење на 60 милијарди евра од бирократијата

Бардела – новото лице на економската десница?

Жордан Бардела, 29-годишниот претседател на партијата и можен идни премиер, го претстави својот економски план пред бизнис заедницата. Тој најави создавање на суверен инвестициски фонд, финансиран преку продажба на обврзници на граѓаните.

„Граѓаните можат да станат акционери на Франција и да останат нејзини сопственици“, изјави Бардела.

Фондот ќе инвестира во нуклеарна енергија, стартапи, вештачка интелигенција и индустриско оживување. Аналитичарите велат дека економските планови на Бардела се налик на ториевскиот стил на Маргарет Тачер.

Дали е сето ова реално?

Сепак, експерти предупредуваат дека економските бројки на партијата се „неиздржани“.

„Фискалната консолидација е болна и само центристичките партии имаат успех во такви реформи“, изјави економистот Ксавиер Раго.

Ле Пен сѐ уште се обидува да ја поништи забраната за кандидатура пред францускиот Уставен суд. Нејзиниот тим бара правни основи, а Бардела потврди дека нема отстапување:

„Постојат правни патишта – тесни, но реални – и Марин Ле Пен се бори за нив“, изјави за TF1.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни