Студентката Марија Роглева од Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет го освои второто место и се пласираше во петте најдобри учесници, меѓу вкупно 450 пријавени млади таленти од различни европски земји. Овој успех е голема чест и за Марија, и за нашиот универзитет, како и за целата држава, која преку неа доби значајно признание на европската модна сцена.
Тринаесетте финалисти го презентираа своето авторско творештво на модна ревија пред повеќе од 1.500 посетители, меѓу кои имаше и новинари од повеќе земји. Првите три добитници ќе добијат можност за четиримесечна пракса во студиото на „Пјер Карден“ во Париз, додека втората награда, која ѝ припадна и на Марија, вклучува статуетка и диплома. Наградите ги додели лично Родриго Базиликати-Кјарден, претседател на групацијата „Пјер Карден“.
Марија Роглева, родена во Богданци, беше придружувана од проф. д-р Гордана Вренцоска, која беше и ментор на Марија за финалниот настап. Тие имаа чест да остварат и средба со претседателот на модната куќа, кому му се заблагодарија за поддршката што ја дава на младите креативци.
Вечерта беше збогатена со мултимедијална балетска претстава „Танц на галаксиите“ и ревија на висока мода на брендот „Пјер Карден“.
„Мојот успех го доживувам како голема мотивација за понатамошно усовршување и создавање“, изјави среќната Марија по завршувањето на финалето.
Извор: Nezavisen