Осум од десет новинарки во Македонија се соочуваат со онлајн вознемирување, покажуваат податоците од истражувањата во последните години. Но зад статистиката стои секојдневие што ретко се проблематизира доволно, притисок, навреди, закани и постепено повлекување од јавниот говор.
Марија Митевска, претседателка на Женската медиумска мрежа „Еднаква“ од Скопје, вели дека онлајн вознемирувањето одамна престанало да биде исклучок и станало дел од рутината на работа на новинарките.
„За жал, во последниот период, со оглед на тоа дека сè повеќе луѓе се присутни во интернет-просторот, онлајн вознемирувањето се зголемува. Тоа не го покажуваат само анкетите – искуството на новинарките и медиумските работнички јасно го потврдува тоа и станува секојдневие кое влијае врз нивната работа“, вели Митевска.
Таа предупредува дека најопасната последица не е секогаш директната закана или навреда, туку тивката промена во однесувањето што следи потоа.
„Најстрашниот ефект од овие напади не е нивниот интензитет, туку тоа што нè наведуваат кон автоцензура. Кога новинарките се соочуваат со вознемирување, тие почнуваат да размислуваат како да се заштитат, наместо да се фокусираат на работата. Тоа е процес што полека, но сигурно го менува начинот на кој се работи“, објаснува таа.
Според неа, онлајн нападите често имаат родова компонента и се насочени кон личниот изглед, со цел да се наруши професионалниот интегритет.
„Најчесто се напаѓа личниот изглед на жената, со цел да се дискредитира нејзината професија. Кај мажите тоа ретко се случува – кај нив нападите најчесто се директно поврзани со нивната работа“, додава Митевска.
Таа посочува и на една поширока, загрижувачка појава, а тоа е нормализацијата на онлајн вознемирувањето.
„Многу жени мислат дека не треба да реагираат на навреди или коментари, бидејќи тоа нема да има епилог. Но токму тоа молчење создава услови проблемот да расте. Ако новинарките почнат јавно да зборуваат и да пријавуваат, тоа може да спречи ситуациите да ескалираат во нешто посериозно“, вели таа.
Во таа насока, Митевска нагласува дека потребни се и системски решенија, но и колективна свест.
Мрежата „Еднаква“, како што објаснува таа, работи на развој на дигитална алатка преку која новинарките ќе можат да пријавуваат случаи на онлајн вознемирување, вклучително и анонимно. Целта е да се создаде база на податоци која ќе помогне во институционален притисок и подобри политики.
„Планираме дигитална алатка преку која жртвите ќе можат да пријават онлајн вознемирување, дури и анонимно. Така ќе добиеме реална слика и статистика, која потоа ќе може да се користи за барање конкретни мерки од институциите“, истакнува Митевска.
Таа додава дека искуствата од развиени земји покажуваат дека брзата реакција и координацијата со платформите може да дадат резултати, но дека во регионот сè уште недостигаат ефективни механизми.
Во меѓувреме, во Европската унија веќе постои правна рамка што ги обврзува големите онлајн платформи да реагираат на нелегална содржина. Законот за дигитални услуги (DSA), кој е целосно во примена од 2024 година, бара од платформи како Facebook, X и YouTube да воспостават јасни механизми за пријавување и отстранување на штетна содржина.
Сепак, Митевска смета дека клучниот предизвик останува во практиката – во тоа како законите ќе се применуваат и колку брзо ќе реагираат институциите.
„Без подигнување на свеста, без пријавување и без системска реакција, онлајн вознемирувањето ќе продолжи да се нормализира. А со тоа и автоцензурата ќе остане најтивката, но најопасна последица“, заклучува таа.