„Марија” – Биографски филм за оперската дива Марија Калас со Анџелина Џоли на репертоарот на домашните кина

По светските филмски фестивали и номинацијата за „Оскар“ за најдобра кинематографија, на репертоарот на домашните кина доаѓа биографскиот филм „Марија“ за една од најпознатите оперски пејачки од минатиот век.

Премиерата на играниот филм за Марија Калас е закажана за четврток, 27 февруари, во сите кина ширум земјава. За драмата, во режија на Пабло Лараин, се говореше и пред Фестивалот во Венеција, каде што се одржа светската премиера, а покрај големиот интерес за животот на оперската дива, вниманието на јавноста го привлече и фактот што ѕвездата Анџелина Џоли се појави во насловната улога. Бурната, убава и трагична приказна за животот на една од најголемите оперски пејачки е проткаена со нејзините последни денови во Париз, Франција, седумдесеттите…

„Гласот на Марија имаше опсег од неверојатни три октави, и иако официјално беше сопран, таа можеше да изведува различни арии. Таа беше икона и една од најпознатите личности на 20. век“, соопшти македонската дистрибутерска компанија „Мегаком филм“.

За потребите на филмот, режисерот во една прилика изјави дека Џоли бил едногласниот избор за улогата, бидејќи таа, како и самата Марија Калас, претставува лик на жена чие присуство се чувствува на сцената, пред камерата, дури и во самата просторија. Може, се вели, да го почувствувате огромното количество хуманост што таа го носи.

По успешниот филм „Спенсер“ за принцезата Дијана, Лараин и сценаристот Стивен Најт повторно ги здружија уметничките сили, создавајќи филм за уште едно звучно женско име.

Марија Калас, по потекло од Грција, е родена во 1923 година во САД, во Њујорк. Во својата кариера, благодарение на неверојатната вокална моќ, таа се здоби со огромна популарност, признанија од најдобрите критичари, а нејзиниот пат ја искачи до сцените на најпознатите оперски куќи, како што се њујоршки „Метрополитен“ и италијанската „Скала“ во Милано.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни