Потврдено жариште на смртоносниот Марбург вирус во Етиопија

Најмалку девет случаи се регистрирани на југот на земјата. Африка CDC и СЗО предупредуваат: вирусот, со смртност до 80%, бара итна контрола и брза интервенција.

Етиопија ја потврди појавата на смртоносниот Марбург вирус на југот на земјата, соопшти Африканскиот центар за контрола и превенција на болести (Africa CDC). Ова опасно заболување, кое е блиско поврзано со еболата, повторно се појавува во Источна Африка, регионот кој во последните години се соочува со неколку локализирани епидемии.

Според Светската здравствена организација, чиј генерален директор е Етиопјанецот Тедрос Адханом Гебрејесус, досега се потврдени најмалку девет случаи. Првите сомнежи се појавиле два дена претходно, кога Africa CDC добило информација за хеморагична треска во јужниот дел на земјата.

Националната референтна лабораторија во Етиопија молекуларно го потврди вирусот, а првичните анализи покажуваат дека се работи за сој сличен на претходно регистрираните во Источна Африка. Здравствените власти брзо реагирале и го изолирале жариштето во областа Џинка, каде што започнаа епидемиолошки истраги, следење на контактите и итни мерки за спречување на ширење.

Марбург вирусот е меѓу најсмртоносните познати патогени: предизвикува силно крвавење, висока температура, повраќање и дијареја, со инкубациски период до 21 ден. Се пренесува преку директен контакт со телесни течности, а стапката на смртност варира од 25% до 80%.

Eпидемијата во Танзанија во јануари одзеде 10 животи, додека Руанда во 2024 година успеа да го стави под контрола првото познато жариште, со 15 жртви. Сè уште нема одобрена вакцина или специфичен антивирален лек, но навремена рехидратација и третман на симптомите значително ги подобруваат шансите за преживување.

Минатата година во Руанда беше тестирана експериментална вакцина развиена од Sabin Vaccine Institute во САД — потенцијална надеж во борбата против болеста.

Africa CDC соопшти дека ќе работи со етиопските власти за да се спречи ширење на вирусот во другите делови од Источна Африка, каде што поголемите популациски центри и прекуграничните движења го зголемуваат ризикот од брзо распрскување на епидемијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни