„Mangroove“, еден од водечките поп-состави во Хрватска, за првпат ќе настапи пред македонската публика на главната вечер од „ПМГ Рекордингс Фестивал 14“. Настапот е закажан за 18 октомври во „Јавна Соба“.
Ексклузивно за Трн, Тони Старешиниќ, легенда на хрватската џез сцена и фронтмен на бендот открива дека на претстојниот прв концерт во Скопје ќе ги изведат хитовите од сите досегашни албуми, како и песни од најновиот „Komad neba“ . Mangroove е предводен од креативниот тандем Тони Старешиниќ – легенда на хрватската џез сцена, и Жељка Веверец – неповторлив глас и талент за лирика, придружени од истакнатите музичари на хрватската сцена Силвио Бочиќ и Лео Беслаќ.
Трн: Присутни сте на комерцијалната поп-сцена, а истовремено останувате уметнички доследни, иновативни и отворени кон соул, фанк, џез и електроника. Како се развива звукот на Mangroove?
Тони: Секогаш сме биле отворени и игриви во пристапот кон музиката, сакаме да истражуваме и се трудиме да бидеме максимално искрени, без никакви комерцијални калкулации. На почетоците нè инспирираше асид џезот. Во тоа време, бевме под силно влијание на првиот албум на групата Mayales „Želim svima raj za sve“, што може да се слушне и на нашиот прв албум „Svijet za nas“. На следниот албум „Put na mjesec“ пронајдовме свој звук и темели за сите подоцнежни албуми на Mangroove, инструменталниот брат Chui и сестрата Je Veux. Албумите „Sami“ и „Srce“ како да нè подготвија за следниот голем чекор, албумот „Nešto veće od nas“, снимен со џез оркестарот на Хрватската радиотелевизија. Новиот албум „Komad neba“ ги содржи влијанијата од соработката со џез оркестарот, кои понатаму се проширија преку заеднички настапи со големиот вокален хор „Извор“ и гудачкиот „Загрепски салонски квартет”. Би рекол дека се чувствува и влијанието од акустичните концерти што ги одржавме во загрепскиот клуб „Контеса“.

Трн: Колку членовите на бендот влијаат во креирањето на автентичен Mangroove израз?
Тони: Во оваа постава свириме веќе осум години и мислам дека успеавме да го добиеме нашиот автентичен звук. Се разбира, главниот креативен импулс кај речиси секоја песна првин доаѓа од Жељка, која ја носи песната, па јас ја поставувам пошироката аранжманска слика, за потоа со Лео и Силвио да ја заокружиме песната во формата што ја слушате. Дечките се одлични музичари, па некако сè тече многу лесно и природно. Лео е мултиинструменталист, кој покрај флејта и синтисајзери свири и бас гитара, а Силвио го носи фантастичниот грув на тапаните. И јас придонесувам со многу клавијатури и бас синтисајзер, па иако сме само четворица во бендот, имаме многу можности за игра.
Трн: Имате бројни соработки со истакнати музичари и состави од хрватската сцена – како Дадо Топиќ, Игор Гержина, Теди Спалато, бендот Mayales – од кои произлегоа и хит-синглови. Што ви значат тие соработки и дали би издвоиле некоја посебно?
Тони: Тешко е да се издвои само една, сите тие беа прекрасни соработки со креативни и драги луѓе кои ја надградија нашата музичка приказна. Секоја соработка дојде спонтано и природно, односно самите песни ги повикаа тие прекрасни луѓе.
Трн: Со албумот во живо „Nešto veće od nas“, снимен со Џез оркестарот на Хрватската радио-телевизија, заокруживте речиси 20 години творештво и добивте две „Порин“ и една Rock&Off награда. Што значи овој албум за вас?
Тони: Овој албум претставува круна на нашиот дотогашен труд, голема чест и признание и од самиот оркестар. Многу сме горди на овој албум – песните во биг бенд аранжмани добија посебен сјај, а драго ни е што преку него луѓето почнаа да ги откриваат и оригиналните верзии на нашите претходни албуми. Тоа е и првиот албум што го објавивме и на винил, кој брзо се распродаде, па затоа сега повторно го реиздадовме, но овојпат на ЦД заедно со новиот албум „Komad neba“, во едно прекрасно двојно издание кое ќе го донесеме со нас и во Скопје.
Трн: За првпат ќе настапите во Македонија, и тоа на главната фестивалска вечер на ПМГ Рекордингс Фестивал 14 во „Јавна Соба“. Какви се вашите очекувања од скопската публика?
Тони: Во Македонија веќе имав прилика да настапам со мојот инструментален состав Chui, и како пратечки клавијатурист на Јосипа Лисац и Едо Мајка, и тоа секогаш беа одлични концерти пред извонредна публика. А сега ќе ви откријам една тајна. Во песната „Iz kapetanovog dnevnika“, која ја снимив заедно со Mangroove и Chui, има дел на пијано снимен токму во Скопје. Тој ден имавме цел ден слободен во градот и, откако се вративме од долга прошетка, седнав во еден ресторан, каде што имаше големо гранд пијано. Полека почнав да свирам нешто за своја душа, што ме опушта, и снимив еден дел со мобилен телефон – излезе одлично и совршено се вклопи на крајот од песната „Iz kapetanovog dnevnika“.
Трн: Подготвивте ли нешто специјално за концертот во Скопје и музички репертоар кој ќе изненади? Ќе имаме ли шанса да чуеме песни од новиот студиски албум „Komad neba“, кој веќе добива одлични критики и коментари како ваше најдобро музичко остварување.
Тони: Бидејќи ова ни е прв концерт во Скопје, мислам дека со изборот на песни ќе поминеме низ сите албуми, нашите хитови и се разбира ќе отсвириме неколку песни и од најновиот албум „Komad neba“ . Ќе донесеме и изданија на ЦД од новиот и претходните албуми, а доколку дотогаш излезе од печатница, ќе донесеме и винил примероци.
Онлајн билети можат да се купат на следниов линк: https://bileti.drugastrana.mk/index.php?id=592