„Сакура Фестивал“ со работилница за цртање манга во КПЦ Јадро

Манга стрип- неисцрпен извор на инспирација

Фестивалот „Сакура“ во својата програма уште еднаш ја носи јапонската култура во земјава со сите нејзини сегменти, комплексности и убавини. Оваа работилница беше еден мал манга стрип свет. Место каде љубителите од сите возрасти можеа да се запознаат со магијата на јапонскиот стрип.

Вчера во КПЦ Јадро во склоп на „Сакура“- Фестивалот за Јапонска култура, се одржа работилница за цртање манга- стрипови или графички романи кои потекнуваат од Јапонија. Тања Вукобрат на присутните им ги презентираше најспецифичните анимирани ликови кои доаѓаат од манга стриповите, како и различните стилови и начини како може да се осмислат и креираат овие ликови.

фото: Томислав Герогиев

Манга ликовите се различни од останатите стрип ликови и токму таа различност ги прави посебни и интересни за публиката и стрип културата.

-Посебноста и уникатноста на манга ликовите е во однос на визуелното и можноста да се поврземе со нив преку темите кои се обработуваат во стриповите, кои ги има навистина многу. Ликовите се слоевити, се разработуваат повеќе аспекти од ликот и се обрнува внимание на емоционалното. Естетски многу ми се допаѓаат и се навистина инспиративни, вели Тања Вукобрат која си започнала да се занимава со цртање манга за време на нејзините студии.

Фото: Томислав Георгиев

-Периодот кога започнав со моите студии по Арт и дизајн почесто гледав и читав манга и аниме филмови и серии. Тогаш и почнав малку посериозно да се занимавам со илустрација, повеќе да учам и истражувам околу тоа, а мангата секогаш била за мене голем извор на инспирација, но и предизвик да се долови уникатноста на манга стилот кој навидум изгледа едноставно, смета Тања.

Во Јапонија, луѓето од сите возрасти и сфери на животот читаат манга. Медиумот вклучува дела од широк спектар на жанрови: акција, авантура, бизнис и трговија, комедија, детектив, драма, историски, хорор, мистерија, романса, научна фантастика и фантазија, спорт и игри. Од 1950-тите, мангата станува сè поголем дел од јапонската издавачка индустрија.

Фото: Томислав Георгиев

До 1995 година, пазарот на манга во Јапонија бил проценет на 6–7 милијарди долари, со годишна продажба од 1,9 милијарди манга книги и манга списанија, што е еквивалентно на 15 изданија по лице. Почнувајќи од доцните 2010-ти, мангата почна масовно да ги надминува американските стрипови.

Според NPD BookScan, мангата сочинувала 76 отсто од вкупната продажба на стрипови и графички романи во САД во 2021 година. Манга претставува 38 отсто од францускиот пазар на стрипови во 2005 година.

Популарноста на мангата се должи на фактот што овој стрип по многу нешта е  различен од останатите стрипови. Стандардниот формат на интегралните изданија на мангите се помали во однос на стандардните интегрални изданија на стриповите како Marvel и DC. Втората разлика е начинот на кој се читаат мангите. На место вообичаеното читање од лево на десно, мангите се читаат обратно –од десната кон левата страна. Но она што навистина го прави посебен  јапонскиот стрип манга е стилот на цртање, кој во Јапонија започнува уште од крајот на 18 тот век, за да непосредно по Втората светска војна стане мејнстрим во јапонската култура. Карактеристично за манга стилот на сликање е специфичниот дизајн и изглед на личностите, пред сè лицето и експресиите, и тоа дека овие стрипови секогаш се црно-бели. Крупните очи на личностите, нивното мало носе и не нагласените усни, често претставени со само една линија, се карактеристика на манга ликовите. Уникатноста на мангата е препознатлива и по начинот на кој се дизајнира таблата и распоредот на сцените,  балончиња за текст со различна форма како резултат на емоционална состојба на личноста која зборува, сцени во кои посебно внимание се посветува на позадината, а не на личноста, сцени со апстракна позадина и честа употреба на „линии на движење“.

„Сакура“ фестивалот во својата програма уште еднаш ја носи јапонската култура во земјава со сите нејзини сегменти, комплексности и убавини. Оваа работилница викендов беше еден мал манга стрип свет во градот. Место каде љубителите од сите возрасти можеа да се запознаат со магијата на јапоснкиот стрип.

-Мислам дека „Сакура“ фестивалот е одлична можност за сите да дознаат нешто повеќе за јапонската култура. Овој фестивал навистина има одлична разнолика програма која ни ја доближува фасцинантна јапонска култура поблиску до нас -вели Тања.

Фестивалот оваа година  ќе се одвива во Младинскиот Културен Центар на 1 Јуни под слоганот „Расцути ја иднината“,  со акцент на нашата лична одговорност и ангажираност за тоа каква иднина ќе доживееме како како заедница.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни