Мандолинскиот оркестар „Слога“ од Загреб со гостување во Битола

Концертот „Мозаик на хрватската мандолина“ на 31 март во Офицерски дом ќе донесе дела од хрватски композитори во изведба на младиот оркестар „Слога“ од Загреб.

На 31 март во КИЦ Офицерски дом во Битола ќе се одржи концертот „Мозаик на хрватската мандолина“, во изведба на Мандолинскиот оркестар ХГМД „Слога“ од Загреб. Настанот се реализира во соработка со Хрватскиот културен центар МХД „Марко Марулиќ“ од Битола.

Младинскиот мандолински оркестар на Хрватското графичко музичко друштво „Слога“ е основан во 2022 година. Во него членуваат ученици кои свират мандолина и гитара од Музичкото училиште „Павло Марковац“ од Загреб, ученици од други музички училишта, како и студенти и поранешни ученици. Токму желбата за заедничко музицирање била основниот поттик за формирање на оркестарот.

Нивната цел е постепено и систематски да развиваат млади оркестарски музичари, кои во иднина ќе бидат дел од работата на Оркестарот на мандолинисти и гитаристи „Слога“, ансамбл што годинава одбележува 97 години од своето основање. Оркестарот воедно ја негува и промовира мандолинската традиција на Загреб и Хрватска.

Репертоарот на ансамблот опфаќа класични и современи композиции од хрватски и странски автори, напишани за мандолински оркестар. Во 2023 година тие првпат настапиле на 27. Хрватски фестивал на мандолина во Имотски, каде ја освоиле втората награда во категоријата класична и современа музика. Досега реализирале и самостојни концертни турнеи во Србија и Италија.

Во последните две години оркестарот посебно се посветува на изведба на дела од хрватски композитори за мандолински оркестар, оживувајќи композиции што со децении не биле изведувани. Паралелно, развива и соработка со современи композитори и создавање нови дела. Уметнички директор и диригент е Максимилијан Бориќ, професор по мандолина, кој дипломирал на Конзерваториумот „Џузепе Верди“ во Милано.

На програмата во Битола ќе се најдат дела од Никша Њириќ, Владо Сунко, Адалберт Марковиќ, Мирослав Лончар, Игор Куљериќ, Бранко Старц, Дарко Домитровиќ, Тихомир Раногајец и Павле Свиличиќ. Публиката ќе може да слушне композиции како „Scherzo“, „Интрада и танц“, „Три слики“, „Серенада“, „Capriccio“, „Мандолинска полноќна музика“, „Ragtime“ и „Бишево“.

Еден ден пред концертот во Битола, оркестарот ќе настапи и во Скопје, во Музејот на македонската борба, во соработка со Амбасадата на Република Хрватска во Македонија. Гостувањето е под покровителство на Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни