Манџионе денес треба да се појави пред судот додека неговите адвокати настојуваат да бидат исклучени неговиот дневник и другите предмети запленети при апсењето, за кои тврдат дека биле прибрани незаконски.
Манџионе беше уапсен во ресторан на брза храна во Пенсилванија по повеќедневна потерa, откако Томпсон беше смртно застрелан на 4 декември 2024 година на прометен тротоар на Менхетен. Според полицијата, во ранецот на Манџионе биле пронајдени пиштол, полн шаржер и тетратка со рачно напишани белешки, кои обвинителството ги опишува како манифест што го поврзува осомничениот со злосторството. Одбраната тврди дека ранецот бил претресен без судски налог, во момент кога Манџионе бил во лисици и физички одвоен од предметите. Обвинителите ги отфрлаат овие тврдења, а судијата закажал рочиште на кое треба да се утврди дали доказите ќе останат во постапката.
Правната битка е паралелна со федералниот случај против Манџионе, во кој се соочува со можност за смртна казна. И во тој процес неговите адвокати бараат голем дел од доказите да бидат исклучени. Федералното рочиште продолжува на 9 јануари.
Адвокатката Карен Фридман Агнифило побара од судијата Грегори Каро да го спречи обвинителството да го користи поимот манифест, оценувајќи го како пристрасна и неиздржана квалификација која би можела да влијае врз потенцијалните поротници. Таа побара и Манџионе да има барем една рака ослободена за да може да води белешки за време на рочиштето.
Судијата во септември ги отфрли најтешките обвиненија поврзани со тероризам, оценувајќи дека доказите не покажале дека Манџионе имал терористичка намера. Сепак, тој и понатаму се соочува со девет обвиненија во државниот процес и со федерално гонење.
Обвинителството тврди дека оружјето пронајдено во ранецот соодветствува на балистичките траги од местото на убиството, а белешките детално ја опишуваат фрустрацијата на Манџионе од здравствениот систем и намерата да изврши напад. Дури и доколку судијата пресуди во негова корист, обвинителите посочуваат дека располагаат со негови биолошки траги на предмети фрлени во близина на сцената на нападот.
Одбраната дополнително бара исклучување на сите изјави што Манџионе ги дал пред да биде екстрадиран во Њујорк, тврдејќи дека полицијата го информирала за неговите права со задоцнување. Според обвинителството, осомничениот најпрво се претставил со лажен идентитет, кој бил користен и при резервација на соба во хостел поврзан со случајот, но подоцна признал дека документот не е негов.
Судските сослушувања ќе продолжат во наредните денови, а и двете страни најавуваат сведоци и дополнителни поднесоци што треба да одлучат дали спорните докази ќе останат дел од обвинението.
Извор: N1info.rs
