Главната цел на Црна Гора е да биде прва во редот за пристапување кон Европската Унија, но местото на сите земји од Западен Балкан е во ЕУ, изјави денеска во Подгорица претседателот на црногорскиот парламент Андрија Мандиќ пред европски новинари.
Според него, Црна Гора е главен фаворит за приклучување кон Европската Унија и може да стане членка уште во 2028 година. Тој нагласи дека токму Парламентот одиграл клучна улога за напредокот на земјата.
„Сега сме главни фаворити за приклучување кон ЕУ и тоа е нешто што го постигна Парламентот. Досега завршивме одлична работа и верувам дека во иднина ќе ги исполниме и останатите задачи“, рече Мандиќ, прецизирајќи дека до 2026 година Црна Гора има намера да ги затвори сите преговарачки поглавја, а во 2028 година да стане полноправна членка на Унијата.
Тој потсети дека промената на власта во 2020 година била „прв случај по три децении кога владата била сменета на демократски начин“.
„Претходната влада опстојуваше 30 години. Дури во 2020 година успеавме да ја смениме власта преку избори“, изјави тој. Според него, следната влада ќе биде избрана во 2027 година, а до тогаш кабинетот ќе работи во интерес на граѓаните.
Претседателот на Парламентот истакна дека туризмот останува најголем извор на приходи за земјата.
„Ние сме мала држава со површина од 14.000 км² и 620.000 жители, но туризмот ја зацврсти нашата позиција во регионот“, истакна Мандиќ.
Тој се осврна и на стабилноста во енергетскиот сектор, нагласувајќи дека Црна Гора е „единствената земја во Европа каде цените на електричната енергија не се зголемиле“.
Според него, земјата инвестира во обновливи извори, вклучувајќи соларни централи во вредност од околу милион евра.
„Веруваме дека во наредните години не само што ќе ги одржуваме стабилни цените, туку и ќе нудиме поевтина енергија“, додаде тој.
Мандиќ изјави дека Црна Гора сака добри односи со сите соседни земји, особено со Србија и со земјите членки на ЕУ. Според него, односите со Русија се сведени на минимум, бидејќи надворешната политика на Подгорица е целосно усогласена со таа на ЕУ. – Денес речиси немаме односи со Русија, но одржуваме духовни и културни врски, нагласи тој.
Во однос на Кина, Мандиќ призна дека кинеска компанија изградилa клучен дел од автопат, но негираше дека земјата западнала во должничка зависност. Според него, проектот бил добиен од Кина бидејќи таа понудила најдобри услови. – Нашата политика е јасна: каниме компании од ЕУ, затоа што сакаме најдобра европска опрема и партнерства, рече тој.
Претседателот на Парламентот посочи дека повеќе од две третини од црногорските граѓани го поддржуваат членството во ЕУ.
„Црна Гора е послободна од 2020 година наваму – луѓето можат да гласаат без страв, платите и пензиите се зголемени, а граѓаните патуваат повеќе низ Европа“, заклучи тој.