Филмскиот критичар Слаѓан Пенев е селектор на главната натпреварувачка програма на Интернационалниот фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“. Со него разговараме за изборот на филмовите, за трендовите на европската и светска кинематографија, за жените во кинематорафијата и за филмовите кои вреди да се погледнат…
Трн: Каков изгледа процесот на селекција на дела и автори за главната програма на фестивалот „Браќа Манаки“?
Слаѓан: Процесот на селекцијата е тимска работа. Се трудиме да добиеме увид во најуспешните дела од позначајните филмски фестивали, а преку разни платформи добиваме можности да видиме многу филмови од целиот свет кои можеби не биле прикажани на поистакнатите фестивали, но забележале успех на некое национално или регионално ниво. Правиме поширок список од филмови кои ни оставиле впечаток во последната година или кои сме сакале да ги имаме во претходното издание, но не сме ги добиле поради некои причини. Дискутираме, контактираме со автори и дистрибутери на филмовите и на отприлика 3 месеци пред фестивалот програмата е речиси 90% затворена, оставаме 1 до 2 филмови во резерва и место за исто толку филмови кои би можеле во меѓувреме да нѐ изненадат. Намерата ни е да имаме филмови од повеќе географски и тематски области, а во секој од нив водечки услов за селекција во главната програма е рафинираниот визуелен приказ на делото или беспрекорно завршената работа на кинематограферите во тоа дело.
Трн: Што ќе понуди „Браќа Манаки“ оваа година во натпреварувачката селекција?
Слаѓан: Се надевам дека најмногу ќе понуди добар вкус. Се обидуваме во оваа селекција да направиме солиден пресек на она што е најубаво, најинтересно и најинспиративно во современата кинематографија. Дел од филмовите откриваат нови хоризонти во филмската уметност, нови автори кои се надеваме дека ќе продолжат во добар правец, а дел се и од препознатливи имиња, вешти и докажани филмски автори, како што на пример оваа година ги имаме Паоло Сорентино, Итан Коен, Рјусуке Хамагуги и Џонатан Глејзер, чии филмови секогаш се празник за очите и душата, како и кинематограферите Лукаш Жал, Дарија Д’Антонио, Владимир Самоиловски, Ари Вегнер, Михал Димек, кои и претходно биле автори кои биле во најтесен избор за компетитивнатата програма на Фестивалот Браќа Манаки.
Трн: Кои трендови се доминантни во европската и светска кинематографија? Што е ново, а што добро?
Слаѓан: Оригиналните и креативни филмаџии се наметнуваат со разни теми, некогаш се тоа приказни од некое заборавено ќоше на планетата, некогаш се откриваат теми кои водечките авторитети не сакаат да ги отвораат, а некогаш се тоа нови препрочитувањa на претходно познати творби. Диверзитетот на темите и идентитетите, инклузивноста во однос на помалку присутните заедници продолжуваат да бидат вреднувани од страна на водечките фестивали и влијателните творци на главните филмски струи денес, а тоа мислам дека е една од најпозитивните вредности на современото кино. И токму благодарение на тоа мислам дека се случи успехот на филмови како нашиот „Honeyland“.
Трн: Годинешново, јубилејно, издание на фестивалот оддава почит на жените во кинематографијата. (Зошто?)
Слаѓан: Веќе неколку изданија наназад Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ се обидува да го истакне придонесот на жените во филмската уметност генерално, но и особено во сегментот за кој како фестивал сме специјализирани – личностите што стојат зад филмската камера и ги визуелизираат идеите на режисерите. Не само што се зголемува бројот на филмови режирани и снимени од жени кои што се дел од главните програми на фестивалот, туку и бројот на добитнички на главните награди и главни гостинки кои ги водат работилниците и панелите кои ги организира фестивалот, раскажуваат извонредни рефлексии од нивната професија, мотивираат млади луѓе да се одлучат да се занимаваат со снимање филмови.
Трн: Како еволуира Фестивалот низ годините и како го гледате во иднина?
Слаѓан: Мислам дека фестивалот се движи во добра насока, станува сѐ поважен на регионално ниво и сѐ попрепознатлив меѓу филмските професионалци за кои е првенствено наменет – луѓето кои стојат зад филмските камери и кои се стручни за визуелниот аспект на филмовите. Исто така, забележувам дека има и сѐ повеќе публика на „Браќа Манаки“. Двете главни награди на фестивалот – Наградата за животно дело и Наградата за посебен придонес во светската филмска уметност се многу важни за големиот углед што го има фестивалот Браќа Манаки на меѓународно ниво.
На фестивалот доаѓаат големи имиња од филмскиот свет како гости, споделуваат свои искуства на настаните кои се организирани во рамки на фестивалот, присутни се претставници на важни списанија и филмски медиуми кои пренесуваат позитивна слика за Битола и фестивалот, од годинава на Широк сокак ќе имаме и „Патека на славните“ со ѕвезди со имињата на добитниците на наградата за животно дело, раководството на фестивалот вложува голема енергија во привлекување на големи светски компании да бидат спонзори и секако, посакуваме и работиме во насока овој фестивал да стане уште позначаен за филмските професионалци и попривлечен за публиката. Верувам дека оние што ќе го водат фестивалот по 10 или 20 години ќе имаат многу полесен пристап до секој автор или дело кое ќе сакаат да го поканат на фестивалот.
Трн: Три најомилен филмови од годинешната програма?
Слаѓан: Имам прекрасни импресии од „Партенопе“, на режисерот Паоло Сорентино и кинематограферката Дариа Д’Антонио, филм кој иако трае околу 130 минути, сакав да трае многу подолго додека го гледав. Сорентино и понатаму ја слави грандиозната убавина на својата земја, на своите омилени места, на својата младост, онака како што ја доживеал или можеби онака како што посакувал да ја доживее. Многу ме потресе филмот „Девојката со иглата“ на шведскиот режисер Магнус фон Хорн и полскиот кинематографер Михал Димек, филм кој најмногу благодарение на визуелната естетика многу автентично ве враќа во страшните години по Првата светска војна, во темно и валкано општество во кое владеат агонијата, тагата, болката и страдањето на луѓето од работничката класа. И последниот филм кој ми беше големо освежување летово е аргентинскиот филм „Хрониките на скитачкиот светец“, направен во најдобрата традиција на јужноамериканскиот магичен реализам од страна на дебитантот режисер Томас Гомез Бустиљо и дебитантот кинематографер Пабло Лозано, филм кој го има еден од најдуховитите пресврти во поновата кинематографија.
Фотографии: Диоген Хаџи Коста Милевски