Тимот вклучува искусни политички фигури и ветерани од актуелни и поранешни демократски администрации, како и од тимот на поранешниот претседател Џо Бајден, пренесува MSNBC.
Лина Кан – поранешна шефица на Федералната трговска комисија (FTC)
Кан, позната по својата борба против големите корпорации како Amazon и Meta, беше на чело на FTC во администрацијата на Бајден. Под нејзино раководство, Комисијата покрена тужби против овие компании поради монополистички практики. Таа се залагаше и за намалување на цените на лековите на рецепт. Кан поднесе оставка веднаш по преземањето на функцијата од страна на Доналд Трамп, а нејзиниот портпарол потврди дека тоа било доброволно.
Мелани Харцог – поранешна заменик-градоначалничка на Њујорк
Харцог ќе ја извршува функцијата копретседателка и директорка на преодниот тим. Таа има богато искуство во Градската администрација – во времето на Бил де Блазио беше заменичка за здравство и социјални услуги, а претходно директорка на Канцеларијата за управување и буџет, каде го надгледуваше најголемиот градски буџет во земјата.
Елана Леополд – политички стратег
Леополд, која исто така беше дел од администрацијата на де Блазио, беше повисок советник во кампањата на Мамдани. Сега ќе ја преземе функцијата извршна директорка на преодниот тим.
Марија Торес-Спрингер – поранешна заменик-градоначалничка
Торес-Спрингер беше прва заменик-градоначалничка во администрацијата на сегашниот градоначалник Ерик Адамс, од кој поднесе оставка оваа година, откако против него беа покренати обвиненија за корупција и незаконско финансирање на кампањата. Случајот подоцна беше отфрлен. Таа има долгогодишно искуство во управата, каде што била одговорна за станбеното прашање, економски развој и работна сила.
Грејс Бониља – претседателка на невладина организација
Бониља е претседателка и извршна директорка на United Way of New York City. Претходно работела во администрациите на Бил де Блазио и Мајкл Блумберг. Де Блазио ја назначи за директорка на новоформираната работна група за расна еднаквост и инклузивност, а во времето на Блумберг била заменик-комесарка во Канцеларијата за општински и имигрантски услуги.
Со овој избор, Мамдани испраќа силна порака за родова еднаквост и инклузивност во градската власт на Њујорк.
Извор: Index.hr