Ужасен злостор ги потресе Романија и регионот. Петнаесетгодишниот Марио е пронајден закопан на поле во близина на Темишвар, Романија, недалеку од границата со Србија. За неговото убиство се осомничени двајца малолетници, на возраст од 13 и 15 години, кои Марио ги познавал од претходно.
Марио исчезнал во понеделник, 19 јануари, кога се движел со скутер кон куќата на еден од осомничените.
Како што утврди истрагата, тринаесетгодишникот го намамил со покана да дојде да го види квадроциклот што неговиот татко, кој бил вработен во странство, го купил за време на новогодишните празници.
Момчето чекало неговата мајка да оди на ноќна смена, а потоа го повикало Марио, заедно со уште еден осомничен, 15-годишник. Истражителите веруваат дека злосторството било испланирано однапред, најмалку еден месец однапред, а како мотив се наведува љубомора за материјална положба.
По пристигнувањето, Марио прво бил вербално, а потоа и физички нападнат. Осомничените му нанеле повеќекратни смртоносни повреди со нож и секира. Откако починал, тие повикале друго петнаесетгодишно момче да им помогне да го однесат телото на блиското поле, каде што го закопале..
Третиот малолетник наводно го натоварил телото во градинарска количка, по што го турнале заедно на нива. Потоа го запалиле телото и ги ставиле останките во плиток гроб, бидејќи не можеле да копаат подлабоко поради замрзнатата земја.
Во соопштението на Обвинителството се наведува дека убиството е извршено според однапред испланиран план и дека сите тројца малолетници учествувале во сквернавењето на телото и прикривањето на трагите од злосторството.
Се вели дека мотивот е завист, бидејќи Марио наводно имал повеќе материјални работи и се фалел со нив. Познаниците истакнуваат дека бил многу популарен меѓу своите врсници, и во училиште и во општеството.
Двајца петнаесетгодишници се во притвор, додека тринаесетгодишникот е ослободен, бидејќи не може да биде повикан на кривична одговорност поради неговата возраст.
