На 3 септември во 20 часот во Културно-информативниот центар – Скопје, продажен ликовен салон, ќе се отвори изложбата на слики од Вања Штркова ,,Мали настани, обични работи, скршени и реконструирани.“
Вања Штркова (родена 1987 година во Скопје) е графички дизајнер која работи во агенцијата New Moment во последните 5 години.
Пред оваа изложба, Вања има една изложба во 2016 година насловена „Life”.
Нејзиниот најнов проект, изложбата „Мали настани, обични работи, скршени и реконструирани“, претставува серија на уметнички дела и слики инспирирани од секојдневните мали работи, мали разговори, мали моменти кои му даваат една значајна нота на животот.
Во брзината и перфекционизмот кон кој секојдневно се стремиме, Вања со оваа изложба фрла светло на детското, на несовршеноста, на искривената линија… со други зборови, нѐ става во ситуација да го погледнеме детето во нас, да се фокусираме на сегашноста и ја истражува темата на малите и често неприметливи моменти во животот кои се претворени во визуелни наративи.
Овој проект е посветен на нејзиниот внук Рубен, кој со неговото доаѓање го изврти погледот на битните и небитните работи во животот. Со модерниот стил и интензивната употреба на бои, делата на Вања Штркова нудат нов поглед на обичните, но важни аспекти на секојдневието, пренесувајќи чувство на мир во моментот во кои се играат нејзините слики.
Изложбата ќе биде отворена до 14.09.2024 година.