Македонската пицерија „Matto Napolitano“ направи историски успех ставајќи го своето име на гастрономската мапа на Европа. Во најновото издание на престижниот италијански водич 50TopPizza, оваа пицерија од Скопје се најде на 17-тото место во Европа, а покрај тоа, доби и специјална награда за „Најдобар предлог за тестенини“ за 2025 година (Best Pasta Proposal – Pastificio Di Martino).
Овој успех доаѓа по минатогодишното признание за „Најдобар сервис за пиво“ (Best Beer Service 2024 – Peroni Nastro Azzurro), што ја прави „Matto Napolitano“ единствена пицерија од регионот која добила две последователни награди од овој глобален водич.
-Да се најдеме на 17-то место во Европа според 50TopPizza е огромна чест, но и потврда дека квалитетот и посветеноста секогаш наоѓаат пат до вистинските луѓе. Ние не дојдовме до оваа позиција преку маркетинг или трендови — туку преку години работа, прецизност и љубов кон занаетот. До таму се стигнува со доследност, искреност во вкусот и силна желба да се создаде нешто автентично, дури и ако доаѓаш од мал град кој досега не бил на гастрономската мапа. Горди сме, затоа што ова не е само успех на „Matto Napolitano“ — ова е успех за целата сцена во регионот. Оваа награда е признание дека сме направиле нешто повеќе од само да сервираме тестенини, дека сме понудиле целосно гастрономско искуство. Добра паста бара почит кон традицијата, но и храброст да се излезе од неа. Се почнува со одличен производ – паста со вистинската текстура, добиена од добитни сорти пченица и обработена според стари методи. Потоа, сосот мора да ја надополни, не да ја прекрие. Баланс, едноставност и длабочина на вкус, тоа се трите клуча. И, секако, љубов кон готвењето…Ние сме мала пицерија од град кој досега не беше на европската гастро мапа и токму тоа го прави овој момент посебен – вели Зоран Василевиќ, сопственик и креатор на Matto Napolеtano

Пастата – новиот херој на менито
Наградата за најдобар предлог за тестенини е признание за целокупното искуство кое пицеријата го нуди – од квалитетот на состојките, преку креативноста на рецептите, до начинот на сервирање. Секое јадење е резултат на традиционални техники и инспирација од современиот вкус, поддржани од врвни производи како пастите од Pastificio Di Martino и свежи сезонски состојки.

-Добра паста не е само рецепт. Таа е култура, техника и страст. Нашата цел не е само да ги задоволиме гостите – туку да ги изненадиме со вкус кој останува во сеќавање. Сè почнува со потеклото. Работиме само со производители кои ги знаеме лично или преку проверена препорака. Брашното е од мали млини од Кампанија, со низок степен на рафинирање. Доматите се San Marzano, од Везувските падини, а моцарелата – свежа, добиена истиот ден. Пастата ја набавуваме од занаетчиски производители, како Pastificio Di Martino, кои го чуваат знаењето на генерации – објаснува Зоран.

Наполитанската пица – со почит и прецизност
Пицата останува срцето на „Matto Napolitano“, каде секоја наполитанска пица се приготвува со внимание на секој детал – од ферментираното тесто до сочните домати од Везувските падини и фиор ди лате моцарела. Традицијата е основата, но креативноста ја носи приказната понатаму.
Го прашавме Зоран што ја прави наполитанската пица толку посебна ?
-Нејзината едноставност и душата што ја има. Тоа е совршена рамнотежа меѓу тесто, сос и сирење, со карактеристичен обод и меко срце. Не се крие зад преголем број состојки. Таа е искрена – ако нешто не е како што треба, сè се чувствува. А кога е направена правилно – тогаш е магија. Тестото е најтешкиот, но и најубавиот дел од процесот. Тоа живее, дише, се менува. Го третираме како нешто свето, затоа што добрата пица почнува токму од таму.

Филозофија на целосно гастрономско искуство
Во „Matto Napolitano“, ништо не е препуштено на случајност – од ентериерот и музиката, до винската листа и атмосферата. Секој член на тимот ја разбира и живее филозофијата на пицеријата – дека вистинското искуство се создава преку внимание на секој детаљ.
-Не постои добар оброк без целосно искуство. Просторот, музиката, сервисот, чашата вино, начинот на сервирање – сето тоа влијае. Ние сакаме гостите да се чувствуваат дел од нешто посебно, не само да јадат. Таа хармонија е нашиот потпис. Сакаме гостите да запомнат дека биле дел од нешто вистинско. Не само вкусот – туку чувството. Чувство дека некој се погрижил, дека секој детал е важен, дека храната има душа. Нека им остане насмевката и желбата да се вратат – објаснува Зоран.

Пицеријата најавува нови менија, сезонски иновации, и потенцијални нови локации во иднина – но со јасен став дека проширувањето нема да оди на сметка на квалитетот.
– Ние никогаш не седиме мирно. Истражуваме нови концепти, размислуваме за проширување, можеби и втора локација, но никогаш по цена на квалитетот. Најголемиот предизвик останува истиот: да останеш верен на себе, без разлика колку растеш.е е доволно да се направи добра пица. Мора да се понуди нешто целосно – чувство, приказна, момент. Тоа е нашата мисија – вели Зоран.

Успехот на „Matto Napolitano“ не е случаен – тој е резултат на години посветена работа, љубов кон занаетот и доследност во секој вкус и детал. Од тестото до чинијата, од ентериерот до последната капка вино, оваа скопска пицерија покажа дека и од мало место може да се создаде вистинско европско гастрономско искуство. Признанијата од 50TopPizza се повеќе од награди – тие се доказ дека страста, традицијата и храброста да се биде автентичен секогаш ќе го најдат своето место на мапата. И токму затоа, „Matto Napolitano“ не само што го претставува Скопје, туку и ја воздигнува целата гастро-сцена на регионот.
Matto Napolitano не е само пицерија – тоа е приказна за квалитет, страст и макотрпна посветеност што ја ставија Македонија на гастрономската мапа на Европа