Ако суверенитетот на една европска земја и нејзините сојузници би бил загрозен, последиците би биле без преседан, изјави денес францускиот претседател Емануел Макрон на состанок на владата, алудирајќи на напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз арктичката територија.
„Не ги потценуваме изјавите за Гренланд“, рече Макрон, според портпаролката на владата Мод Брежон. „Доколку суверенитетот на една европска земја и сојузник биде загрозен, последиците би биле без преседан. Франција многу внимателно ја следи ситуацијата и ќе дејствува во целосна солидарност со Данска и нејзиниот суверенитет“, додаде тој.
Претходно истиот ден, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека постои силна врска меѓу ЕУ и Гренланд и дека народот на Гренланд може да смета на поддршката на ЕУ.
Министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд ќе се сретнат подоцна денес во Белата куќа со американскиот потпретседател Џ.Д. Венс по неколкунеделните закани од претседателот Доналд Трамп против Гренланд, автономна територија во рамките на Данска.
