Макрон во сенка? Мерц и Мелони стануваат новото динамично дуо на ЕУ

Џорџа Мелони и Фридрих Мерц сè поинтензивно ја координираат политиката во ЕУ – од трговија до одбрана. Дали новата оска Рим–Берлин го потиснува француско-германското партнерство и го става Макрон во втор план?

Од трговски договори до автомобилската индустрија, италијанската премиерка Џорџа Мелони и германскиот канцелар Фридрих Мерц сè поотворено ги здружуваат силите за да ја насочуваат агендата на Европската унија ризикувајќи притоа францускиот претседател Емануел Макрон да остане во сенка.

Како што пренесува Хина, повикувајќи се на агенцијата АФП, на неформалниот самит на лидерите на ЕУ за конкурентноста на економијата, одржан во четвртокот, Мелони и Мерц се залагале за заедничка визија за зајакнување на европската конкурентност.

Тоа е најнов показател за сè поблиската соработка меѓу Рим и Берлин, која ја доведува во прашање традиционалната француско-германска оска што со децении беше моторот на европската интеграција.

„Некои набљудувачи велат дека 2026 ќе биде година на Италија и Германија“, изјавила Мелони минатиот месец на средба со Мерц во Рим.
„Имаме намера да направиме сè за да го зацврстиме пријателството кое е стратешко не само за нашите нации, туку и за Европа во целина.“

Од миграција до трговија и одбрана

И двајцата лидери одамна делат тврд пристап кон миграцијата, но на самитот во Рим договориле проширување на соработката од трговската политика до одбраната.

Во јануари, Мелони, и покрај првичната воздржаност, го поддржа трговскиот договор меѓу ЕУ и јужноамериканскиот блок Меркосур, на задоволство на Германија. Франција безуспешно се обиде да го блокира договорот поради загриженост за своите земјоделци.

Берлин и Рим исто така извршија притисок врз ЕУ да ја ублажи забраната за продажба на нови бензински и дизел автомобили од 2035 година – на што Париз повторно се спротивстави.

„Паралелно приближување“

Иако Италија и Германија се основачки членки на ЕУ и сојузнички во НАТО, тие честопати биле во судир, особено околу финансиската политика – штедливата Германија наспроти високо задолжената Италија.

Но, со напорите на Мелони да го намали буџетскиот дефицит и одлуката на Мерц да го зголеми задолжувањето за инвестиции, таа стара динамика се менува.

„Би го опишал тоа како паралелно приближување“, изјави Матео Вила од италијанскиот аналитички центар ИСПИ за АФП.
„Доаѓа време кога тие двајца се покомпатибилни од класичниот француско-германски пар.“

Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани оцени дека започнува „нова ера“, во која Италија сака да биде „една од локомотивите на ЕУ“, нагласувајќи дека Италија и Германија се „две од најиндустријализираните и најстабилни земји“ во блокот.

Макрон: Француско-германското партнерство останува клучно

Макрон, чија земја се соочува со политичка криза по предвремените избори во 2024 година, ги отфрли тврдењата дека е ставен во втор план.

Во интервју за неколку европски весници, тој изјави дека е „нормално“ Рим и Берлин да изнесуваат свои предлози.

„Француско-германското партнерство е клучно за придвижување на Европа напред. Но, никогаш само по себе не е доволно“, рече Макрон.

Сепак, дипломатски извори посочуваат дека обидите на Франција да го блокира договорот со Меркосур создале тензии во Брисел, вклучително и со Германија.

Дополнителен знак на разидување е и фактот што Берлин наводно размислува да се повлече од заедничкиот проект за борбен авион на иднината (FCAS) со Франција и Шпанија, и наместо тоа да се приклучи на италијанската програма GCAP со Велика Британија и Јапонија.

Според аналитичари, овие поместувања покажуваат дека Европа влегува во нова фаза на политичко прегрупирање – во која традиционалните оски се менуваат, а новите партнерства стануваат сè повлијателни.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни