Во објава на платформата X, Макрон истакна дека кражбата во Лувр претставува напад врз ценетото културно и историско наследство на Франција. Тој додаде дека се преземаат сите неопходни мерки за апсење на сторителите и враќање на експонатите, при што сите активности ги координира париското обвинителство.
Претседателот нагласи дека новиот проект за заштита на Лувр, кој започна во јануари, ќе овозможи зголемена безбедност и ќе гарантира зачувување и заштита на француската култура.
Според париската обвинителка Лор Беку, крадците што во неделата го ограбија музејот Лувр украле осум непроценливи предмети, додека деветтиот, кој се обиделе да го одземат, бил пронајден на самото место. Таа појасни дека крадците не го целеле ниту го украле светски познатиот дијамант „Регент“, вреден над 60 милиони долари, кој се наоѓа во истата галерија каде што била извршена кражбата.
Беку изјави за телевизијата BFM дека во кражбата учествувале четворица мажи со покриени лица кои избегале на „моќни скутери“. Обвинителката додаде дека истражителите располагаат со снимки од видео надзор од музејот и градот, а се очекува и помош од граѓаните.
Еден сведок пријавил дека еден од сторителите го фрлил жолтиот елек што го носел, што би можело да биде клучен доказ во истрагата.
Според обвинителството, од музејот недостасуваат огрлица и обетки од колекцијата на Мари-Луиз, огрлица, пар обетки и тијара од колекциите на кралиците Марија-Амелија и Хортензија, како и четири парчиња накит од колекцијата на царицата Евгенија.
Пљачката на драгоценостите се случила во неделата наутро, во времето кога музејот требало да се отвори за посетители. Поради инцидентот, управата на музејот донела одлука да го затвори Лувр од безбедносни причини, а на посетителите им било издадено предупредување да не влегуваат во објектот.
Извор: N1info.rs