Францускиот претседател Емануел Макрон денеска одржа состаноци со лидерите на двата дома на националниот парламент, навестувајќи можно распуштање на Долниот дом (Народното собрание) и распишување на вонредни парламентарни избори, пренесува France 24.
Разговорите со Жаел Браун-Пиве (претседателка на Народното собрание) и Жерар Ларше (претседател на Сенатот) се гледаат како сигнал за можно распишување избори, бидејќи според Уставот, претседателот мора да се консултира со нив пред да го распушти парламентот.
Овие состаноци се одржаа додека заминувачкиот премиер Себастиен Лекорну, по налог на Макрон, ги води „последните разговори“ со политичките партии, со цел да се стави крај на политичката блокада во земјата.
Избори можно на 16 и 23 ноември
Францускиот истражувачки неделник „Le Canard Enchaîné“ („Окованата патка“) вечерва објави дека Макрон нарачал од префектите – највисоките државни службеници во сите 101 департмани – да се подготват за вонредни избори, кои би можеле да се одржат на 16 и 23 ноември.
Критики од десницата
Лидерот на Републиканците Бруно Реталје, чие повлекување на поддршката за Лекорну доведе до неговата оставка, изјави за France 2 дека следниот премиер „не смее да биде личност блиска до Макрон“.
„Кога ќе се влезе во ќор-сокак, народот треба да си го каже своето“, изјави Реталје
Пензионска реформа како услов за коалиција
Поранешната премиерка Елизабет Борн, авторка на контроверзната пензиска реформа која изнесе милиони демонстранти на улиците, му предложила на Макрон да ја суспендира реформата за да излезе од кризата.
Умерената левица постави токму тоа – суспензија на реформата – како еден од условите за поддршка на коалициска влада.
Економските последици
Во меѓувреме, цената на политичката криза за француската економија секојдневно расте. Се предвидува економскиот раст во 2025 да достигне само 0,8%, под влијание на падот на довербата кај инвеститорите и слабиот пазар на труд.
Според економскиот институт OFCE, кризата до крајот на годината ќе го чини Франција 0,5 процентни поени економски раст – односно околу 15 милијарди евра.
Компанијата Allianz Trade проценува дека претходните вонредни избори ја чинеле Франција околу 4 милијарди евра, поради пад на даночните приходи и зголемени каматни стапки.