Францускиот претседател Емануел Макрон ја одбил понудата на американскиот претседател Доналд Трамп да се приклучи на т.н. „Одбор за мир во Газа“, соопшти денеска кабинетот на Макрон.
Одлуката е донесена поради загриженоста дека одборот, со кој би претседавал Трамп, би добил прешироки овластувања кои одат подалеку од преодно управување со Појасот Газа и би го поткопале постојниот меѓународен рамковен систем на Обединети нации, пренесува Politico.
Во соопштението од Елисејската палата се наведува дека повелбата на одборот „го надминува прашањето на Газа и отвора сериозни дилеми, особено во однос на принципите и структурата на Обединетите нации, кои не можат да бидат доведени во прашање“.
Трамп во петокот го најави формирањето на одборот, кој го опиша како „најголем и најпрестижен одбор некогаш составен“, како клучен дел од неговиот план од 20 точки за завршување на војната меѓу Израел и Хамас.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро дополнително предупреди на надлежностите на одборот „во Газа и на други места“, како и на „исклучително широките овластувања“ што би му биле доделени на неговиот претседател, оценувајќи ги како загрижувачки.
Контроверзи предизвика и предлогот земјите-членки да плаќаат по една милијарда долари доколку сакаат да задржат постојано членство подолго од три години, без јасно објаснување за намената на тие средства.
Канадскиот премиер Марк Карни изјави дека Канада ќе се приклучи на одборот, но без плаќање за постојано место. Покани за членство добиле и Германија, Обединето Кралство, Албанија, Аргентина, Египет, Унгарија, Индија, Турција и Виетнам, а и покрај војната во Украина, покана добил и рускиот претседател Владимир Путин.
Според саудиски официјален претставник, и Саудиска Арабија добила покана, која сè уште се разгледува.
Извршниот одбор, според најавите, би вклучувал личности како поранешниот британски премиер Тони Блер, американскиот државен секретар Марко Рубио, зетот на Трамп Џаред Кушнер и претседателот на Светска банка Аџај Банга.