Францускиот претседател Емануел Макрон од Минхен испрати јасна порака – Европа мора да престане да се однесува како економски џин и политички џуџе и конечно да стане вистинска геополитичка сила.
Говорејќи на 62. Минхенска безбедносна конференција пред високи политички и воени претставници, Макрон нагласи дека Европа ќе биде почитувана од другите глобални актери само ако е силна во одбраната, технологијата и сопственото производство.
„Ако сакаме да бидеме сфатени сериозно, мора да покажеме непоколеблива посветеност на одбраната на сопствените интереси“, изјави францускиот претседател.
Тој додаде дека Европа досега немала развиена „геополитичка ДНК“, но дека времето за промена е дојдено.
„Мора да престанеме да зборуваме зад затворени врати за тоа кои се нашите задачи и да почнеме да испорачуваме резултати“, порача Макрон.
Украина како пример за европска сила
Според него, силна и обединета Европа веќе покажала што може да постигне преку поддршката за Украина. Без европската помош, рече Макрон, Киев не би можел да издржи четири години војна со Русија.
Францускиот претседател смета дека крајот на војната не треба да значи прифаќање на руските барања, туку засилен притисок врз Москва, која, според него, е економски ослабена и зависна од Кина.
„Ова е време за дрскост. Ова е време за силна Европа“, нагласи тој, додавајќи дека „нема да има мир без Европа, бидејќи Европа е дел од решението“.
Нова безбедносна архитектура
Макрон предупреди дека Европа и по војната ќе мора да живее со „агресивна Русија“ на своите граници, па затоа е неопходна нова европска безбедносна архитектура.
„Нашите безбедносни интереси мора да ги дефинираме ние, а не некој друг“, истакна тој.
Во тој контекст, Макрон посочи дека нуклеарното одвраќање – кое во Европа го поседуваат Франција и Велика Британија – треба да биде дел од идната безбедносна стратегија. Тој потврди дека веќе разговара со други европски лидери за можностите за проширување на таа способност на континентално ниво.
Пораката од Минхен е јасна: ако Европа сака почит на глобалната сцена, ќе мора да инвестира во сопствената сила – политичка, економска и воена.