Францускиот претседател Емануел Макрон денеска престојуваше во Кипар, каде што се сретна со претседателот на земјата Никос Христодулидис и со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. По средбите, Макрон најави воспоставување „чисто одбранбена“ мисија чија цел е постепено повторно отворање на Ормускиот теснец.
„Во процес сме на воспоставување чисто одбранбена, придружна мисија, која треба да биде подготвена заедно со европските и со неевропските држави. Нејзината цел е, штом тоа стане изводливо, да овозможи придружба на контејнерски бродови и танкери за постепено повторно отворање на Ормускиот теснец“, изјави Макрон, нагласувајќи дека мисијата има „мирољубива“ цел, пренесува BFM TV.
Тој истакна дека безбедноста на сите Европејци претставува заеднички интерес.
Макрон на социјалната мрежа Икс соопшти дека Франција веднаш презела мерки на солидарност со Кипар, кој бил погоден со неколку дронови и ракети.
„Во регионот распоредивме фрегата Лангедок и единица за противвоздушна одбрана Мистрал“, напиша францускиот претседател.
Како клучен елемент во одбранбената поставеност на Франција во регионот, Макрон го посочи носачот на авиони Шарл де Гол и ударната група бродови што моментално се наоѓа во близина на Кипар. Тој најави дека пред враќањето во Франција ќе го посети носачот на авиони и неговиот екипаж.
Макрон исто така најави дека Франција ќе испрати две фрегати како дел од поморската мисија на Европската Унија „Аспидес“ во Црвеното Море.
Францускиот претседател оцени дека Хезболах направил „голема грешка“ со нападот врз Израел и со ракетите испукани кон Кипар.
„Израел возврати, а ситуацијата е многу загрижувачка“, изјави Макрон.
Тој нагласи дека Хезболах мора да ги прекине нападите, но и Израел треба да го стори истото што е можно поскоро, со цел да се овозможи обновување на суверенитетот на Либан.
Макрон додаде дека Франција ги координира своите активности со Кипар за да ја обезбеди безбедноста на француските и европските граѓани во регионот, да помогне во операциите за евакуација и да ги подготви сите неопходни итни мерки.
„Кога Кипар е нападнат, нападната е и Европа. Нè поврзуваат стратешки партнерства, а нашето присуство овде ја покажува силата на тие партнерства“, изјави Макрон.
Тој повтори дека Париз ја поддржува безбедноста на Обединетите Арапски Емирати, Катар, Кувајт, како и на Јордан, Саудиска Арабија и Ирак.
Франција, според најавите, ќе распореди вкупно осум фрегати како дел од мобилизацијата што Макрон ја опиша како „без преседан“.
Француските сили, кои ќе бидат распоредени од источниот Медитеран до Црвеното Море и крај бреговите на Ормускиот теснец, ќе вклучуваат осум фрегати, два амфибиски носачи на хеликоптери и носачот на авиони Шарл де Гол, изјави Макрон од Пафос.
„Оваа мобилизација на нашата морнарица е без преседан. Таа се спроведува во координација со нашите воздушни и копнени сили во регионот“, рече францускиот претседател.
Како што заклучи, целта на Франција е да придонесе за деескалација на тензиите, да ја обезбеди безбедноста на своите граѓани и партнери, како и слободата на пловидба и поморската безбедност.