Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека на почетокот на јануари во Париз ќе се одржи нов состанок на сојузниците на Киев, во рамки на Коалиција, посветен на безбедносните гаранции за Украина како дел од идниот мировен договор со Русија.
„Ги собираме земјите од Коалицијата во Париз на почетокот на јануари за да го финализираме конкретниот придонес на секоја од нив“, напиша Макрон на социјалната мрежа Икс. Тој претходно разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски, со американскиот претседател Доналд Трамп, како и со други европски лидери.
Францускиот претседател истакна дека е постигнат напредок кога станува збор за безбедносните гаранции, кои, според него, се клучни за изградба на „праведен и траен мир“.
Разговори меѓу Трамп и Зеленски: сигнал за напредок
Најавата на Макрон доаѓа по средбата меѓу Трамп и Зеленски, кои во неделата разговарале во резиденцијата на американскиот претседател во Флорида. Трамп изрази умерен оптимизам за можноста за брзо решение на конфликтот, кој трае од февруари 2022 година.
На заедничката прес-конференција, двајцата лидери посочија дека е речиси постигнат договор за безбедносните гаранции меѓу САД и Украина.
„Преговорите беа многу тешки, но има напредок“, изјави Трамп, додавајќи дека страните се „многу блиску, можеби и сосема блиску“ до договор.
Зеленски: Безбедносните гаранции целосно договорени
Украинскиот претседател Зеленски изјави дека е направен значителен напредок и дека безбедносните гаранции за Украина се договорени 100 проценти, додека мировниот план за ставање крај на војната меѓу Украина и Русија е усогласен околу 90 проценти.
Очекувањата се дека претстојниот состанок во Париз ќе биде клучен чекор кон финализирање на договорите и дефинирање на улогата на меѓународната заедница во обезбедувањето на долгорочна стабилност во регионот.
