Францускиот претседател Емануел Макрон изјави денес дека примирјето во Газа е сè уште „многу кревко“ и повика на повторно отворање на влезните точки на таа територија, бидејќи станува збор за „апсолутна вонредна состојба“ и целта е да се овозможи влез на хуманитарна помош.
„Ситуацијата е сè уште многу кревка и ние го знаеме тоа. Важно е Хамас целосно да ги почитува обврските што ги презеде и притисокот да продолжи да гарантира целосно почитување на примирјето“, рече тој на прес-конференцијата одржана во Љубљана заедно со словенечкиот премиер Роберт Голоб.
„Од суштинско значење е веднаш да се дејствува и ова е апсолутно вонредна ситуација во која е неопходно повторно да се отворат хуманитарните мостови и разни други хуманитарни рути, за да може на населението да му се достави помош, храна и основна здравствена заштита.“
Девет земји од ЕУ ја повикаа израелската влада да ги отвори границите
И за да можеме да им помогнеме на ранетите, на сите луѓе, на најранливите семејства кои треба да бидат изнесени од Газа за да бидат лекувани во болниците во регионот“, продолжи францускиот претседател. Емануел Макрон, исто така, инсистираше на потребата Советот за безбедност на ОН „што е можно поскоро да усвои резолуција“ со која ќе се воспостави „меѓународна рамка за управување и безбедност“ во иднината на Газа.
На вчерашниот состанок во Словенија, шефовите на држави и влади на деветте земји од Европската унија (ЕУ) што се граничат со Медитеранот побараа „итно деблокирање на целата хуманитарна помош за Газа“ и ја повикаа израелската влада да го отвори „преминот Рафа, како и другите гранични премини, за оваа цел“.
