Макрон и Мерц го поздравуваат падот на Мадуро, Санчез и Мелони со спротивни ставови

Франција и Германија внимателно го поздравија соборувањето на Николас Мадуро, додека Шпанија ја осуди американската интервенција, а Италија ја оцени како легитимна.

Лидерите на Франција и Германија воздржано го поздравија соборувањето на Николас Мадуро од власт во Венецуела, додека шпанскиот премиер смета дека американската интервенција е спротивна на меѓународното право, а италијанската премиерка дека таа е целосно легитимна.

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска, по американскиот напад што доведе до апсење на венецуелскиот претседател, повика на „мирен“ и „демократски“ пренос на власта во таа земја, нагласувајќи дека народот може само да се радува што се ослободил од диктатурата на Николас Мадуро.

„Со преземањето на власта и газењето на основните слободи, Николас Мадуро сериозно го поткопа достоинството на сопствениот народ“, напиша Макрон на мрежата X. Тој се залага за транзиција „која ја почитува волјата на венецуелскиот народ“, а која „што е можно побрзо“ би требало да ја обезбеди Едмундо Гонзалес Урутија, опозицискиот кандидат на претседателските избори во 2024 година.

Мерц: Мадуро ја доведе земјата до пропаст

Макрон не се изјасни за правната страна на американската интервенција, но неговиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро претходно изјави дека американското апсење на Николас Мадуро е спротивно на меѓународното право.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека САД ќе ја водат Венецуела кон „безбедна“ политичка транзиција, но не го спомена Гонзалес Урутија. Лидерката на опозицијата и добитничка на Нобеловата награда за мир, Марија Корина Мачадо, изјави дека Гонзалес Урутија треба веднаш да ја преземе власта.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц оцени дека Мадуро „ја доведе својата земја до пропаст“. Според него, Мадуро одиграл „проблематична улога во регионот“, особено со „вклучувањето на Венецуела во трговијата со дрога“. Мерц потсети дека Германија не ги признала последните венецуелски избори, кои ги смета за „наместени“.

Спротивни ставови на Шпанија и Италија

Мерц додаде дека сè уште не е подготвен правно да го оцени американскиот напад врз Венецуела. „Правната квалификација на американската операција е сложена. Не брзаме со тоа“, изјави тој во саботата.

Шпанија, пак, не ја признава американската интервенција во Венецуела, бидејќи таа го крши меѓународното право, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез.
„Шпанија не го призна режимот на Мадуро. Но, нема да признае ниту интервенција што го крши меѓународното право“, напиша Санчез на X.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони, од друга страна, ја оцени како легитимна воената операција спроведена во саботата во Венецуела, нарекувајќи ја „одбранбена интервенција“, но нагласи дека воената сила не треба да се користи за промена на режими.

„Во согласност со долгогодишниот став на Италија, владата смета дека надворешната воена акција не е начин за завршување на тоталитарните режими, но истовремено ја смета одбранбената воена интервенција за легитимна против хибридни напади (…), како и во случаи на субјекти кои поттикнуваат и промовираат трговија со дрога“, се наведува во соопштението.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни