Макрон ги критикува негирачите на климатските промени пред самитот во Ница

„Имаме обврска да се мобилизираме затоа што науката е јасна, а фактите се тука. Ништо не е неизбежно

На завршниот ден од Форумот за сина економија во Монако, светските лидери повикаа на глобална акција за заштита на океаните. Принцот од Велс апелираше за „итност и оптимизам“, додека францускиот претседател Макрон остро ги нападна негирачите на климатските промени, ветувајќи „силни одлуки“ во соработка со други влади наскоро.

На настанот, домаќин Принцот Алберт од Монако и учесниците упатија јасни пораки за преземање глобална одговорност за заштита на морињата.

Принцот Вилијам изјави дека предизвикот за заштита на океаните „нема преседан“ и дека времето истекува:

„Верувам дека итноста и оптимизмот имаат сила да поттикнат дејствување кое може да го смени текот на историјата. Сум оптимист бидејќи како основач на Earthshot наградата гледам неверојатни примери на идеи, иновации и технологии кои ја користат силата на океанот додека ја штитат неговата виталност.“

Тој додаде:

„Да се гледа како човековата активност ги претвора морските шуми во пустини на дното од океаните – тоа е срцепарателно. Ова е итен повик за будење. Океаните не смеат повеќе да бидат нешто што не го гледаме и затоа го игнорираме. Потребата за дејствување е сега повеќе од очигледна.“

Не е „прашање на мислење“
Во својот завршен говор, францускиот претседател Емануел Макрон остро ги критикуваше земјите што ги негираат климатските промени и ги намалуваат буџетите наменети за оваа тема.

„Слушаме дека климатските промени, заканата за биодиверзитетот, проблемот со океаните – дека сето тоа е прашање на мислење,“ рече Макрон и додаде:
„Ќе ви кажам: не, немаме право на тоа. Затоа што не е мислење, туку е научно докажано.“

Макрон најави и потенцијални активности во блиска иднина:

„Имаме обврска да се мобилизираме затоа што науката е јасна, а фактите се тука. Ништо не е неизбежно. Затоа, со неколку влади, во следните денови ќе донесеме силни одлуки и ќе ја мобилизираме меѓународната заедница.“

Главен фокус на неделниот самит беше поттикнување на ратификацијата на Договорот за отворени мориња (High Seas Treaty), кој би овозможил заштита на меѓународните води.

Овој форум е вовед во Конференцијата на Обединетите нации за океани (UNOC), која ќе се одржи во Ница, каде што се очекува да присуствуваат над 50 светски лидери. Американската администрација нема да испрати претставници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни