Макрон: Европа одбива да биде технолошки вазал на САД и Кина

Францускиот претседател Емануел Макрон повикува на технолошка сувереност и европска преференција, нагласувајќи дека ЕУ мора да се ослободи од зависноста од американските и кинеските технолошки гиганти.

Европа одбива да биде технолошки вазал на САД и Кина, изјави францускиот претседател Емануел Макрон, апелирајќи Унијата да ја гради својата технолошка сувереност.

„Да бидеме јасни – Европа не сака да биде клиент на големите компании и решенија што ги нудат САД и Кина. Сакаме да ги развиваме нашите сопствени решенија,“ рече Макрон во Берлин, на француско-германскиот самит посветен на технолошката независност на Европа.

Тој нагласи дека Европа „едноставно одбива да биде вазал“, особено затоа што значително заостанува во технолошкиот сектор, вклучувајќи ја и трката за развој на вештачката интелигенција.

„Постои цена за тоа да не бидеш вазал“

„Краткорочно, тоа има своја цена, бидејќи мора повторно да се инвестира,“ изјави Макрон, додавајќи дека трошоците се неопходни и дека Европејците мора да донесат „многу храбри одлуки“.

Една од тие одлуки, според него, е воведување „европска преференција“, особено во јавните набавки, со цел да им се даде простор на европските технолошки компании да се развиваат.

„Кинезите имаат кинеска ексклузивност каде и да е можно, Американците силна американска преференција. Само ние, Европејците, речиси никогаш немаме европска преференција – дури понекогаш сме и премногу фасцинирани од неевропски решенија,“ рече Макрон.

Германскиот канцелар со слична порака

Германскиот канцелар Фридрих Мерц исто така порача дека ЕУ мора да ја поедностави регулативата и дека бизнисите треба повеќе да вложуваат во дигитална сувереност.

„Сведоци сме на системско ривалство меѓу САД и Кина, две големи сили кои се борат за технолошка доминација. Европа не смее да им го препушти тоа поле,“ истакна тој.

Макрон ги повика 27-те земји членки да се „ослободат од технолошките зависности на сите нивоа на вредносниот синџир – од критичната дата-инфраструктура до облачните услуги и софтверот“.

„Не можете силата на вашата економија да ја сведете на ‘Седумте величествени’, ниту да ѝ го препуштите функционирањето на демократијата на тие седум компании,“ рече Макрон, мислејќи на американските гиганти Alphabet, Amazon, Apple, Meta, Microsoft, Nvidia и Tesla.

Тој заклучи дека Европа, која последниве години им даде приоритет на регулативите, мора да се „промени“ и „прво да иновира, а потоа да регулира“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни