Макрон мета на руски напади со дезинформации поврзани со „Епстин фајловите“

Француските власти предупредуваат на координирана дезинформациска операција со руски ботови и фалсификувани содржини што лажно го поврзуваат францускиот претседател со Џефри Епстин.

Француските институции алармираат за масовна дезинформациска кампања која лажно го поврзува претседателот Емануел Макрон со злосторствата на Џефри Епстин. Кампањата започнала по објавувањето на нови документи од американското Министерство за правда на 30 јануари и се заснова на фалсификувани медиумски написи, манипулирани видеа и содржини генерирани со вештачка интелигенција. Надлежните во Париз предупредуваат дека станува збор за странска операција за манипулација со јавното мислење.

Според француската агенција за борба против странска информативна манипулација Viginum, кампањата започнала со објава на лажна статија на веб-страница што имитира маргинален француски медиум. Во текстот се тврдело дека Макрон присуствувал на забави во парискиот дом на Епстин на авенијата Фош и дека имал сексуални афинитети кон „млади мажи“ – тврдења за кои не постои никаква потврда во официјалните документи.

Дополнително, лажниот напис бил потпишан со името на новинар од весникот Le Parisien, што е позната техника за зголемување на кредибилитетот кај дезинформациските операции. Содржината потоа била масовно споделувана на социјалните мрежи преку видео форматирани како информативни прилози, во кои се користел глас за кој француските власти потврдија дека е генериран со вештачка интелигенција.

Во центарот на наративот се наоѓаат наводни мејл-кореспонденции меѓу Епстин и модниот агент Жан-Лик Брунел од мај 2017 година, во кои се споменуваат планови за забава со Макрон. Такви документи, според проверките, не постојат во официјалната база на податоци на американското Министерство за правда, иако референтните броеви што се појавуваат во видеата се реални, но упатуваат на сосема други записи.

Кампањата дополнително се засилила со ширење на фалсификувани насловни страници од француски весници, меѓу кои и Libération, со тврдења дека Макрон повеќепати го посетувал приватниот остров на Епстин. Ниту еден од тие медиуми нема објавено такви содржини, а во „Епстин фајловите“ нема докази дека францускиот претседател некогаш планирал или реализирал таква посета.

Француските власти наведуваат дека кампањата ги носи обележјата на руската операција „Storm-1516“, позната по ширење фабрикувани приказни и дипфејк содржини. Украинскиот Центар за борба против дезинформации дополнително соопшти дека содржините биле засилувани од таканаречената „Matryoshka“ бот-мрежа, една од најголемите пропагандни инфраструктури поврзани со Кремљ.

Името на Емануел Макрон навистина се појавува во најновиот пакет документи поврзани со Епстин, но исклучиво во контекст на медиумски исечоци, политички анализи и обиди на Епстин преку посредници да воспостави контакт со луѓе од неговото опкружување. Нема докази за директна комуникација, средба или вмешаност на Макрон во какви било незаконски активности.

Француските институции нагласуваат дека случајот е пример за тоа како реални документи можат да се користат како основа за лажни наративи, со цел политичка дискредитација и ширење недоверба. Во услови на дигитални манипулации и вештачка интелигенција, предупредуваат тие, проверката на изворите и контекстот станува клучна за информираното јавно мислење.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни