Најосновниот вид на макало се подготвува од лук, топло масло или путер, вински оцет, млака вода и сол, кои се додаваат во дрвен сад и убаво се мешаат. Во ова јадење често се додаваат сув црвен пипер, сечкан магдонос, лути пиперки, ореви, млеко или јогурт.
Постојат повеќе варијанти на макала кои може да вклучуваат печени лути пиперки, модар патлиџан, зелени домати, свежи или печени црвени домати, па дури и варени компири. Макало може да се сервира како сос или како предјадење, во зависност од состојките што се користат. Обично се јаде со многу леб и сирење, а исто така е одличен додаток на месото на скара.
Според TasteAtlas, македонското макало во моментов е најдобриот сос во светот. Во продолжение ви го пренесуваме рецептот за ова јадење кое можете да го јадете како намаз на леб, со скара, како сос – како сакате. Состојките можете да ги прилагодите на себе, бидејќи во макалото може да ставате се.
Во продолжение еден заеднички рецепт за негова подготовка:
Состојки
1 главица лук,
5 лажици масло,
3 лажици оцет,
400 мл млака вода,
3 мали лути печени пиперки (може да се користи и сув црвен пипер),
сол
магдонос.
Подготовка:
Најпрво исчистете го и измијте го лукот, па ставете го во дрвен сад за толчење. Можете да го ставите и во блендер, но сосот ќе биде повкусен ако го изгмечите рачно во дрвен сад. Посолете (количината прилагодете ја по ваш вкус) и толчете додека не добиете изедначена смеса слична на мајонез.
Додадете го маслото во лукот и мешајте додека сè не се изедначи. Постепено додавајте оцет и измешајте, па додајте млака вода и повторно добро измешајте. На крајот додадете лути пиперки и ситно сечкан магдонос (по желба), измешајте и послужете со леб.