Трн: Македонското здружение на млади правници постои 20 години и исто толку години се труди да им помогне на обесправените, на маргинализираните, на заборавените, мигрантите… Има ли доволно млади правници во земјава кои се желни и спремни да се борат за човековите права и владеењето на правото?
Александра: Дефинитивно има, и истото можам да го констатирам со оглед на фактот што осум години наназад, повеќе од 600 правници желни да се надоградат во областа на заштитата на човековите права ја поминаа нашата практиканска програма, и се здобија со можност преку практична работа да им помагаат на луѓето на кои им е најпотребна правна помош, а им е тешко достапна. И нашиот тим кој брои 30тина правници секојдневно работи за подобрување и честопати предизвикување на системот за заштита на човековите права со визија дека владеењето на правото и пристапот до правда се принципи за кои нема компромис.
Трн: Колку успевате да влијаете на системот и што е тоа што ја тера оваа млада дружина на правници да остане посветена на заштита на човековите права?
Александра: Постојано соработуваме со многу партнери од институциите, граѓанскиот сектор и интернационалната заедница. Оваа соработка се основа на доверба во нашата експертиза- ние имаме знаење, истражуваме, но и сме директно инволвирани во давање правна помош (околу 4000 лица за 2022 година) која не става во позиција да имаме слика и чувство за правните проблеми со кои се соочуваат лицата. Освен тоа, редовно учествуваме во работни групи за изготвување на закони и позаконски акти, водиме судски постапки, истражуваме и анализираме, застапуваме за почитување на човековите права и ги зајакнуваме знаењата и способностите на правните професионалци.
Трн: 11 години се боревте за измените во законот за матична евиденција. Сега, повеќе нема да има луѓе – фантоми (луѓе без државјанство и незапишани во матичната книга на родени) кои не постојат за системот. Кои ви беа сојузниците со чија помош дојде промената?
Александра: Да, 11 долги години се бориме за правата на овие луѓе преку обезбедување правна помош и поддршка заедно со нашиот стратешки партнер Канцеларијата на Високиот комесар за бегалци при ОН во државата и со волја на надлежните институции.
Системското решение кое го предложивме и потоа се усвои го реши проблемот- и што е најважно отсега сите лица кои долги години не можеле да се запишат во матична книга на родените и поради тоа живеат на маргините на општеството, правно невидливи и без пристап до основните права, ќе добијат извод и со тоа пристап до сите основни права, како образование, здравство и социјална заштита. Со ова ќе се спречи во иднина да имаме лица „невидливи” за системот и конечно да ставиме крај на овој проблем во нашата земја.
Трн: Сигурно веќе сте насочени кон нови борби и проекти. Кои се следните предизвици со кои ќе се зафати МЗМП?
Александра: Сите наши активности секако спаѓаат во главните области на кои работи МЗМП, како што се дискриминација, азил и миграции, државјанство и бездржавјанство,трговија со луѓе, социјална, здравствена и детска заштита, правда за деца, заштита на животна средина, заштита на лични податоци, превенција од радикализација и насилен екстремизам итн. Ние секојдневно се надоградуваме и ја продлабочуваме нашата експертиза, сакаме да опслужиме што повеќе луѓе и да решиме што повеќе проблеми, со еден збор, да им го олесниме и поддржиме патот до правдата. Но, во поширока смисла, сакаме и работиме да направиме трајни општествени промени и систем на правда за сите.
Трн: Веќе некое време си Претседателка на МЗМП, сега си повеќе менаџерка отколку активистка. Во која улога се чувствуваш поудобно?
Александра: Како човек кој се има изградено во граѓанскиот сектор, јас сум активист затоа што со мојата работа секојдневно се залагам за здраво граѓанско општество. Улогата на претседателка во моето здружение само ја зајакнува мојата волја за промени. Но, јас сум во тимот на МЗМП веќе 13 години и се чувствувам како дел од едно големо семејство.
Трн: За крај, дали размислуваш и за поинаков ангажман во иднина, или овој тип на ангажирање ти е доволен? Кои се твоите планови, соништа и желби?
Александра: Како што кажав во претходно прашање, МЗМП постојано се развива и јас сакам да учествувам во растот. Имаме уште многу што да промениме и уште многу предизвици за надминување и се гледам себеси како дел од тоа. Мојот личен порив е борбата за заштита на човековите права и тоа сметам дека никогаш нема да се промени.