Додека лозарите се подготвуваат за сезонското кроење на лозјата, во визбите на македонските винарии зрее виното од реколтата 2025, а производството се очекува да достигне меѓу 90 и 100 милиони литри — просек што се одржува во последната деценија. Најмалку 85 проценти од производството завршува на странските пазари, што ја потврдува силната извозна ориентација на секторот.
Македонија има винска традиција долга повеќе од две илјади години, а виното историски претставува дел од културниот и економскиот идентитет на земјата. „Нашата земја има една од најстарите традиции на производство на вино во Европа, со одгледување винова лоза која датира од пред повеќе од 2.000 години. Од античко време до ден-денес, виното отсекогаш било симбол на култура, гордост и идентитет“, вели Александра Ристова, раководителка на одделот за управување со лозови насади во винарската визба „Тиквеш“.

Во последните две децении индустријата направи значителен исчекор: ако во 2005 година дури 92 проценти од извезеното вино било наливно, денес околу една третина од извозот е флаширано — што носи повисока додадена вредност, подобар имиџ и поголема препознатливост на меѓународните пазари.
Новото поглавје во развојот на индустријата е воведувањето систем за географска ознака на вино — механизам што гарантира потекло, квалитет и автентичност. Географската ознака се поставува на етикетите на вина што потекнуваат од точно одредена област и поседуваат карактеристики што произлегуваат од природните услови на таа средина, како почва, клима и надморска височина. За воспоставување на ваков систем потребно е детално дефинирање на региони, правила за производство, контрола на приноси и независна сертификација.
„Воведувањето и примената на стандардите за воспоставување систем на географска ознака во Северна Македонија не е само техничка неопходност, туку и стратешка визија за иднината на нашата винска индустрија. Тоа гарантира дека ќе го заштитиме нашето наследство, ќе ја зајакнеме нашата конкурентност и ќе го споделиме нашиот автентичен идентитет со светот“, додава Ристова.
Според Елена Младеновска-Јеленковиќ, извршна директорка на здружението „Вина на Македонија“, идејата за ваков систем постои долго време, но вистински напредок е постигнат во последните години благодарение на заедничката работа на винариите и институциите. „Само ако имаме систем на географски ознаки воспоставен според стандардите на Европската Унија, може да се сметаме за вистинска винска земја. Тоа не е само гаранција за квалитет, туку и начин да се изгради имиџот на Македонија како винска дестинација“, вели таа.

Во април 2024 година беа донесени измени во Законот за вино, а паралелно се одржуваа обуки за лозари и производители. Ирена Џимревска, советник во Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), посочува дека поддршката од германската влада одиграла значајна улога: „Организиравме тренинзи за дигитализација, органско лозарство и унапредување на пазарот на вино со повеќе од 900 учесници, како и студиски посети за повеќе од 60 претставници од македонските винарии во Тоскана и Бароло.“
Системот носи придобивки не само за големите производители, туку и за малите винарии и лозарите. „Процесот подразбира воведување стандарди за производство на грозје и идентификација на виното од стандардизирано грозје со точно дефинирана област на производство. За малите винарии тоа значи додадена вредност, заштита на квалитетот и можност за зголемена продажба“, вели Илија Јанчев, сопственик на малата винарија „Венец“.
Територијата на државата е поделена на три вински региони и 16 области, а најголем е регионот Повардарие, каде се наоѓаат 87 проценти од лозовите насади и 90 проценти од винариите. Затоа „Вардарска долина“ ќе биде првата географска ознака што ќе се појави на етикетите на македонските вина.
Процесот го координира новоформираната организација „Повардарски ВРВ“, која треба да стане овластено тело за управување со системот. „Идните чекори се усвојување правилници, акредитација на контролно тело, регистрација на ознаки и нивна промоција на национално и меѓународно ниво. Сето ова ќе овозможи функционален и одржлив систем што ќе ја зголеми конкурентноста и препознатливоста на македонските вина“, објаснува Милица Плетварска, извршна директорка на организацијата.
Првите системи за географска ознака на вино биле воведени во Франција на почетокот на 20 век, а повеќе од еден век подоцна Северна Македонија е на чекор да стане дел од кругот земји со официјално признати вински региони и ознаки на потекло.
„Географската ознака не е само етикета. Таа е печат на автентичноста и доказ дека виното има душа, потекло и приказна“, заклучува Ристова.