На 21. Меѓународен салон на стрип во Белград, кој од 26 до 29 септември се одржува во Студентскиот културен центар, македонските учесници традиционално се меѓу најбројните.
На распишаниот стрип-конкурс на кој се пријавуваат 146 автори, седуммина се од нашата земја.
Со тоа и оваа година Македонците се втори по бројност на оваа престижна манифестација, веднаш зад оние од Србија.
Mакедонските стрип-автори воедно влегуваат и во потесниот избор за награди. Во најдобро оценетите стрипови, изложени во „Среќна галерија“ – Белград, спаѓаат „Приказна за безбојното мече“, кој по сценарио на Александар Стеванов од Штип го црта Катерина Николовска-Тери од Скопје, и „Човек: точка во времето“ на Методија Стојановски од Куманово.
Покрај нив, на овогодинешниот конкурс распишан во рамките на Меѓународниот салон на стрип во Белград свои дела испраќаат и Цанко Стефанов, Кети Радевска, Тоде Ристо Блажевски и Војдан Андонов.
Македонските стрип-автори беа втори по бројност на оваа манифестација и во 2017 и 2018 година.