Македонските олимпијци на ЗОИ Милано–Кортина 2026: Гордост, истрајност и нова надеж

Како независна држава, Македонија има освоено две олимписки медали: сребро од Дејан Георгиевски (Токио 2020) и бронза од Магомед Ибрагимов (Сиднеј 2000).

На Зимсите олимписки игри во Милано – Кортина, Македонија ја претставува делегацијата од 10 членови – четворица спортисти и шестмина тренери и службени лица, кои ќе настапат во две дисциплини: алпско скијање и нордиско (крос-кантри) скијање.

„За мала нација, секоја олимписка норма е победа, а секој старт е доказ за пожртвуваноста на спортистите, тренерите и стручниот тим“, порачува генералниот секретар на ОКСМ, Даниел Димевски. Претседателот Ѓорѓи Тасев истакнува дека делегацијата го носи духот на истрајноста и достоинството, подготвена да ги слави олимписките вредности – извонредност, пријателство и почит заедно со светската спортска заедница во Италија.

Делегација со родова рамнотежа и јасна мисија

Македонскиот тим на Милано–Кортина 2026 е симболично и суштински балансиран – двајца мажи и две жени. Во алпско скијање ќе настапат Виктор Петков и Јана Атанасовска, додека во крос-кантри скијање боите на Македонија ќе ги бранат Ставре Јада и Ана Цветаноска.

Зад нив стои стручен тим составен од искусни тренери и медицински персонал: Пламен Неделков (крос-кантри), Александар Атанасовски (алпско скијање), Гоце Петков (алпско скијање), како и шефицата на делегацијата Цветанка Макаровска, д-р Симон Трпевски како главен медицински офицер и административната поддршка од Петар Спасеновски.

Ставре Јада – олимписко искуство и лидерство на патеката

Ставре Јада (27) е еден од најискусните членови на тимот и двократен олимписки учесник (Пјонгчанг 2018 и Пекинг 2022). Во Вал ди Фјеме (Предацо) ќе настапи во спринт класик и 10 км слободно, со амбиција за најдобар личен резултат на олимписка сцена.

Јада зад себе има повеќе настапи на светски првенства и пласман меѓу најдобрите на Балканскиот куп, каде што освои 5. место – резултат што ја потврдува неговата континуирана форма и стабилност.

Ана Цветаноска – континуитет и меѓународна зрелост

Ана Цветаноска (25) повторно ќе ја претставува Македонија на ЗОИ, откако настапи и на Пекинг 2022. Таа ќе се натпреварува во спринт класик и 10 км слободно. Цветаноска беше единствената македонска претставничка на Светското првенство во Трондхајм, Норвешка, што претставува значаен успех за домашното нордиско скијање.

Нејзиното 5. место на Балканскиот куп во Банско е доказ дека Македонија има потенцијал и во женска конкуренција на меѓународната сцена.

Виктор Петков – нов бран во алпското скијање

Во машка конкуренција во алпско скијање, Виктор Петков (26) ќе настапи во велеслалом и слалом во Бормио. Тој веќе има настапи на Светско првенство (Салбах 2025), како и бројни високи пласмани на ФИС трки низ Балканот и Европа.

Петков важи за еден од најперспективните македонски алпски скијачи, со забележлив напредок во ФИС ранг-листата и амбиција за стабилен олимписки настап.

Јана Атанасовска – најмладата надеж со историски резултат

Најмладата во тимот, Јана Атанасовска (19), ќе настапи во слалом и велеслалом во Кортина д’Ампецо. И покрај младоста, таа веќе има три настапи на светски првенства и учества во Светскиот куп (Леви, Куршевел, Семеринг).

Нејзиниот најголем успех е освоеното прво место на ФИС трката во Вајнебене и историскиот резултат од 30.56 ФИС поени – најдобар досега за македонски скијач. Атанасовска е доказ дека македонското алпско скијање влегува во нова генерација со европски потенцијал.

Олимписко наследство и нови хоризонти

Олимпискиот комитет на Северна Македонија е признат од МОК од 23 септември 1993 година, како 195-та членка. Првиот настап под национално знаме беше на Атланта 1996, додека првото учество на Зимски олимписки игри беше во Нагано 1998.

Како независна држава, Македонија има освоено две олимписки медали: сребро од Дејан Георгиевски (Токио 2020) и бронза од Магомед Ибрагимов (Сиднеј 2000).

Во 2025 година, ОКСМ достигна организациски врв со домаќинството на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕЈОФ) во Скопје, со над 4.500 учесници од 49 држави – настан што ја зацврсти позицијата на земјата на европската спортска мапа.

Поглед кон Милано–Кортина 2026

Македонските олимпијци заминаа во Италија со јасна цел: достоинствен настап, подобрување на личните резултати и промоција на олимписките вредности. За земја со ограничени ресурси, секој олимписки циклус е нова борба, но и нова надеж.

Од алпските падини до нордиските патеки, македонскиот тим носи приказна за истрајност, посветеност и љубов кон спортот. Милано–Кортина 2026 не е само натпревар – тоа е сцена на која Македонија повторно ќе покаже дека и малите нации можат да сонуваат големи соништа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни