Македонските хемичари триумфираа во Дубаи: Сребро, бронза и пофалница на светската олимпијада

На 57. Меѓународна хемиска олимпијада (IChO 2025), што се одржа во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, македонскиот тим постигна одличен успех – освоени се сребрен и бронзен медал, како и една пофалница во конкуренција од 354 ученици од 90 држави од целиот свет.

Сребрениот медал го освои Марио Ванчоски, ученик во 4 година во гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип, кој постигнал трет најдобар резултат во експерименталниот дел од натпреварот, што е извонреден успех на светско ниво.

Бронзениот медал го доби Петар Мирчевски, ученик во 4 година во прилепската гимназија „Мирче Ацев“, додека Теона Ана Георгиевска, ученичка во 3 година во „Јахја Кемал“ во Скопје, беше наградена со пофалница. Дел од тимот беше и Елена Живаљевиќ, ученичка во 4 година, исто така од „Јахја Кемал“.

Успехот е резултат на интензивни подготовки што се одвиваа на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, под менторство на проф. д-р Миха Буклески и проф. д-р Слоботка Алексовска, членови на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија, кој го организираше македонското учество на олимпијадата.

Во подготовките беа вклучени и професорите Владимир Петрушевски, Марина Стефова, Јасмина Петреска-Станоева, асистентите Ивона Софрониевска и Леон Стојанов, како и поранешните олимпијци и студенти Михаил Трајков и Дарко Стојчев, заедно со Марија Петрова и Филип Бојаџиевски, кои дадоа значаен придонес во подготвителниот процес.

Македонските ученици уште еднаш покажаа дека и со ограничени ресурси, но со силна волја и стручно водство, можат рамноправно да се натпреваруваат на највисоко светско ниво во природните науки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни