Во изминатата година, македонската кинематографија доживеа исклучителен креативен и продукциски подем – истовремено освојувајќи престижни меѓународни фестивали и поттикнувајќи нова продукциска енергија дома. Филмовите „Силјан“ на Тамара Котевска и „DJ Ahmet“ на Георги Унковски беа меѓу најнаградените балкански остварувања годинава, со учество на фестивали како Венеција, Сараево, Санденс и Торонто со освоени признанија од критика и од публика.
„Мајка“ на Теона Стругар Митевска продолжи да го утврдува авторскиот статус на македонските филмаџии, додека „Планината не оди никаде“, „Ветената земја“, „Антигона“ и „Сенките на месечината“ ја проширија присутноста на македонскиот филм во светот, особено во доменот на документарниот и студентскиот филм.
Паралелно со интернационалниот успех, домашната сцена добива нов импулс – четири нови долгометражни играни филмови се во продукција ова лето, сите поддржани од државата и од меѓународни фондови. Режисерки и режисери како Тамара Котевска, Милчо Манчевски, Марко Ѓоковиќ и Сенад Абдули стојат зад нови авторски проекти кои се снимаат низ Македонија, носејќи свежи приказни, ангажирани теми и амбициозни копродукции.
Во овој текст ги претставуваме најуспешните македонски филмови во изминатите месеци – со осврт на фестивалските настапи, наградите, критичките оцени и меѓународниот дистрибуциски потенцијал, но и увид во тековните снимања што го најавуваат следниот бран на македонската филмска продукција.

Сиљан
Филмот ја имаше светската премиера на 82. Венециски филмски фестивал во селекцијата Out of Competition. Тој беше исто така прикажан и на Торонто филмскиот фестивал, во официјалната натпреварувачка програма.
Правата за светска дистрибуција ги откупи лондонскиот дистрибутер Dogwoof, и National Geographic, што најавува потенцијал за широка интернационална циркулација.
На Венециското Биенале, „Сиљан“ ја доби престижната награда „Cinema and Arts Award“ (наречена и „Наградата на Музата“) за најинспиративен филм, со конкуренција од 20 дела.
Филмот собра и обилни пофалби од светската критика:
„Апсолутен шармер, трогателен поглед на врската меѓу човек и птица.“ — Hollywood Reporter.
„Истата универзалност како Honeyland, но со подлабок уметнички израз.“ — официјален критичар на Венеција.
„Човекот, митот и современиот свет се испреплетени во заводлив документарец.“ — Eye for Film.
„Котевска се издигнува уште повисоко со овој прекрасно снимен филм.“ — Toronto Star.
„Импресивно достигнување – фаворит за фестивалите и наградите.“ — Screen International.
„Триумф. Болно прекрасен. Заносно поетско дело.“ — Indiewire
Со овој успех, „Сиљан“ ја зацврсти позицијата на Тамара Котевска како еден од водечките филмски автори на Балканот и како амбасадор на македонскиот документарен израз пред светската публика.

DJ Ahmet
„DJ Ahmet“ во режија на Георги Унковски беше дел од главната програма на 31. Сараевски филмски фестивал (15–22 август 2025). Пред тоа, филмот беше претставен и на Санденс 2025, каде доби признанија. На Сараево, „DJ Ahmet“ освои три значајни награди:
UniCredit Audience Award – Best Feature Film (награда на публиката) — за најдобар долгометражен филм според оценки од гледачите, со највисока просечна оцена 4.9
Special Youth Perspectives Award (Младински перспективи) — посебна награда доделена од Советот на Европа
Cineuropa Prize — награда на европската филмска платформа Cineuropa
На Санденс 2025, филмот доби Audience Award за World Cinema Dramatic и специјална жири-награда за креативна визија, што дополнително ја нагласи неговата меѓународна репутација.
Критичарите го оценија „DJ Ahmet“ како автентично и свежо остварување, кое ги надминува класичните клишеа на жанрот на „coming-of-age“. Cineuropa го истакна живописниот визуелен стил и силните ликови, додека меѓународните рецензии ги пофалија хуморот, енергијата и слоевитоста на приказната.
Со овие признанија, „DJ Ahmet“ се сместува меѓу најнаградуваните македонски филмови годинава и доказ за јасното интернационално влијание на младата македонска генерација филмаџии.

Мајка
„Мајка“, во режија на Теона Стругар Митевска, имаше светска премиера на 82. Венециски филмски фестивал, каде беше прикажан како дел од селекцијата „Хоризонти“, на 28 август 2025 година. По тоа, беше селектиран и во официјалната програма на 69. BFI London Film Festival (8–19 октомври 2025). Македонската публика премиерно го виде на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола изминатиов викенд.
Филмот беше оценет како „смело и современо филмско портретирање“ и „најкомплексното остварување на Митевска досега“.
Пред премиерата филмот бил продаден за кино-дистрибуција во над 15 европски земји, што само по себе претставува значајно меѓународно признание за македонска продукција.

Планината не оди никаде
Македонската премиера на овој долгометражен документарец на Петра Селишкар се случи во рамки на 16. издание на МакеДокс, во Скопје. Филмот ја освои наградата за најдобар социо-еколошки филм на FICG (Интернационален филмски фестивал во Гвадалахара, Мексико). Тој ја раскажува приказната за браќа овчари кои живејќи во планински амбиент, работат и рефлектираат за животот и иднината, што ја нагласува социјалната и еколошката димензија.

Ветената земја
„Ветената земја“, режија Ќендрим Ријани, ја имаше својата македонска премиера во киното „Фросина“ во Скопје. Меѓународната премиера беше на PriFest 2025 (Prishtina International Film Festival), како дел од програмата PriDOX, на 3 јули 2025 година. На фестивалот ја доби Public Award (наградата на публиката) на PriDOX — единствената награда за документарен филм на фестивалот. Публиката и критичарите го поздравија како трогателен документарец што длабоко ја допре публиката со приказната за депортациите на Евреите од Скопје во 1943 година.
Антигона
Овој краткометражен документарен филм поддржан од Агенцијата за филм имаше светска премиера на Sheffield DocFest во Обединетото Кралство. На престижниот DokuFest во Призрен, „Антигона“ доби Special Mention во категоријата „Balkan Dox“. Филмот ја раскажува вистинската приказна на единствената жена-возач на автобус во руралните села на општина Липково, и преку својот храбар наратив ја доловува реалноста на маргинализираните средини.

Сенките на месечината
„Сенките на месечината“ е дипломски краткометражен филм каде режијата ја потпишува Тина Величковиќ а камерата е на Димитар Атанасоски. Филмот до сега учествуваше на неколку интернационални фестивали. На овогодинешното издание на Silver Frame Film Festival во Сребреница, ја освои наградата за најдобар регионален студентски краток филм, што уште еднаш го потврди потенцијалот на македонската млада филмска генерација. Македонската премиера на филмот е вечерва во од 19:45 часот на платото пред Дом на АРМ, во склоп на седмото издание на SИРНИ фестивалот.
Во продукција: Нови македонски филмови
Покрај веќе етаблираните филмови кои блеснаа на меѓународната сцена, ова лето македонската кинематографија бележи особено продуктивен период со неколку нови проекти што се во фаза на снимање. Четири долгометражни играни филмови – секој со своја автентична приказна и авторски пристап, кои ветуваат свежи и значајни дела за домашната и странската публика се снимаа летово на различни локации низ земјава. Овие продукции, поддржани од државата и меѓународни фондови, се показател за зрелоста и амбицијата на македонската филмска сцена, како и за континуираната поддршка на млади и веќе докажани автори.

ЧОВЕК ПРОТИВ ЈАТО – режија: Тамара Котевска
Во рурална Македонија, изградбата на нов автопат го нарушува мирот на едно мало село. Семејствата и мештаните се наоѓаат во судир меѓу традиционалниот начин на живот и модернизацијата која навлегува со полна сила. Филмот истражува социјални, еколошки и морални дилеми што произлегуваат од овие конфликти, инспириран од вистински настан. Режија: Тамара Котевска – добитничка на повеќе интернационални награди и коавторка на „Медена земја“ (Honeyland), кој доби две номинации за Оскар. Ова е нејзин прв игран филм. Актерска екипа: Кирил Андоновски, Верица Недеска, Лола Трендафиловиќ, Горан Богдан, како и актери од Хрватска, Германија, Холандија и Бугарија.
ПОТСТАНАР – режија: Марко Ѓоковиќ
Психолошка драма што ја истражува тенката линија меѓу слободата и манипулацијата. Приказната се фокусира на интеракцијата меѓу тројца цимери и нов мистериозен потстанар, чие присуство полека ја разоткрива вистинската природа на секој лик. Режија: Марко Ѓоковиќ – дебитант на долгометражен игран филм, со амбициозен пристап инспириран од современи европски драмски текстови. Сценарио: Марко Ѓоковиќ и Симеон Венциславов, според драмата „Владимир“ од словенечкиот драмски автор Матјаж Жупанчиќ. Актерска екипа: Ана Јовановска, Илија Волчевски, Хакан Даци, Албан Укај (БиХ).
ДОГОВОР – режија: Сенад Абдули
Современа социјална драма која навлегува длабоко во личната борба на поединецот да остане достоен во средина исполнета со притисоци, сиромаштија и морална неизвесност. Филмот се фокусира на тежината на донесување одлуки во околности кога изборите се ограничени. Режија: Сенад Абдули – автор со искуство во социјално ангажирана уметност. Актерска екипа: Шеќерије Илази, Елмир Сејфулаи, Лек Фазлија.

ЗБОГУМ КОПАКАБАНО – режија: Милчо Манчевски
Длабоко емотивен и социјално ангажиран филм што ги обработува темите на сестринската љубов, менталното здравје, корупцијата и социјалните нееднаквости. Сместен во современа Македонија, филмот носи универзална порака за човечките односи, болката, и борбата за достоинствен живот. Режија: Милчо Манчевски – најпризнатиот македонски филмски автор, со дела кои освоија Златен лав („Пред дождот“) и други меѓународни награди. Актерска екипа: Сара Климоска (Малина – главна улога), Филип Трајковиќ (Виктор – брат со интелектуална попреченост), Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Ана Костовска, Виктор Арсов и други.
Во 2025, македонските филмови ја надминаа локалната сцена и го освојуваа светот. Документарната експресија на Котевска со „Сиљан“ ја внесе Македонија во највисоката лиги на фестивалски успех, додека „DJ Ahmet“ покажа дека нашата младинска енергија и содржина имаат универзален потенцијал. „Мајка“ ги отвори вратите на големите фестивали, „Планината не оди никаде“, „Ветената земја“ и „Антигона“ ги збогатија документарните мапи со локални гласови, а „Сенките на месечината“ ја потврдија талентираноста на младите режисери и студентските филмови. Сите заедно, овие остварувања ја поставија Македонија уште еднаш на бината на светската кинематографија.