Македонскиот јазик е нашата суштина!

Во пресрет на Светскиот ден на мајчиниот јазик, проф. д-р Весна Костовска, научен советник при Институтот за македонски јазик, потсетува дека зачувувањето на македонскиот јазик е заедничка обврска и лична одговорност. За неа, јазикот е многу повеќе од комуникациско средство – тој е длабоко личен израз во кој се вткаени љубовта, болката и желбата за правичност. „Навистина го чувствувам многу лично, затоа што тој пред сѐ е средство за комуникација со самата себе“, вели таа. Во интервјуто, Костовска говори за спроведувањето на Законот за употреба на македонскиот јазик, значењето на лекторатите низ светот и улогата на секој поединец во негова заштита.

Трн: До каде е спроведувањето на Законот за употреба на македонскиот јазик? Дали постои напредок во однос на неговата примена? 

Весна: Колку што сум информирана, Законот за употреба на македонскиот јазик сѐ уште не се применува. Особено е важно и ургентно да се спроведе задолжителното лекторирање на материјалите и задолжително вработување лектори по македонски јазик во сите јавни институции и органи на власта.

На тој начин, македонскиот јазик ќе има можност да се развива преку цивилизиран процес. Прв позитивен импулс од донесувањето на овој Закон беше зголемувањето на интересот за полагање на лекторскиот испит. Доколку наскоро почне доследно да се спроведува задолжителното вработување лектори онаму каде што е пропишано тогаш ќе се зголеми и интересот за студирање на Катедрата за македонски јазик.

Весна Костовска

Законот за македонски јазик треба да се применува како појдовна точка, а не како јарем. Важно е, преку него да се создаде колективна свест за стандардниот македонски јазик, како одговорност на секој поединец.

Трн: Инспекторатот за употреба на македонскиот јазик е клучен механизам за надзор – дали започна со работа и какви активности се преземаат досега?

Весна: Имаше дискусии дека воведувањето Инспекторат е премногу драконско решение, и дека со казни не се регулира и заштитува јазикот. Точно, Инспекторатот не смее да функционира како институција што има должност да казнува по секоја цена. Тој треба да дејствува како институција што регулира и дава насоки онаму каде што ќе има недоследности во примената на Законот. Се надевам дека наскоро ќе се конституира, како дел од визијата за поконструктивен пристап кон стандардниот македонски јазик.

Трн: Колку се значајни лекторатите за промоција на македонскиот јазик во светот? 

Весна: Се подразбира дека се многу значајни, не само за промоција на македонскиот јазик, туку и за промоција на македонската култура и на македонската традиција. Лекторатите се еден вид амбасади, што ја претставуваат државата преку македонскиот јазик. Сметам дека треба да се даде уште поголем акцент кон квалитетот и нивото на лекторатите, како репрезентативни спроведувачи на врвна наставна дејност по македонски јазик во странските земји.

Трн: Што за Вас лично значи македонскиот јазик и како го доживувате неговото место во современиот свет?

Весна: Мојот македонски јазик е мој личен израз во кој се вткаени сите животни бранувања. Навистина го чувствувам многу лично, затоа што тој пред сѐ е средство за комуникација со самата себе! И со тој мој македонски јазик ја изразувам исконската љубов, болката поради неразумното човештво, желбата за правичност, го изразувам мајчинството… Дури потоа, го чувствувам и применувам како практично средство за комуникација со колективот.

 Македонскиот јазик е признаен како посебен пред повеќе децении од Обединетите нации, го има во сите светски и европски јазични атласи, постојат повеќе универзитети низ светот каде што има катедри за македонски јазик на кои тој се проучува. Тој е дел од светот…

Трн: Има ли некој проект или иницијатива поврзана со јазикот на кој особено сте горди?

Весна: Горда сум што Институтот за македонски јазик конечно се осовремени и се подмлади со вработувањето на 14 млади научници, коишто се новите следбеници на Мисирков и Конески. Заслугата за овој историски момент во Институтот ја има директорката Јованова-Грујовска, која непоколебливо се избори за иднината на Институтот. 

Трн: Како може секој од нас да придонесе за зачувување и негување на македонскиот јазик?

Весна: Секој од нас треба да ја стекне личната свест кон македонскиот јазик. Секој од нас треба да се дистанцира од исклучиво политичката проекција на јазикот, и да се насочи кон својот внатрешен македонски јазик, како средство за личен развој, како средство за осознавање и спознавање, како израз на култивираност и хуманост. На тој начин, во меѓусебната комуникација ќе го минимализираме бруталниот, агресивниот македонски јазик и ќе му ја вратиме мелодичноста што претставува израз на еден питом народ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни