Македонскиот КИЦ во Загреб го одбележа јубилејот 10 години од впишувањето на Гласоечкото пеење во УНЕСКО

Во рамките на трибината како ексклузивни гости настапија „Трио Гавровски“од Тетово, едни од малкутемина носители на  „Гласоечкото пеење“ заедно со Дарко Коцев

Македонскиот КИЦ во Загреб, во рамките на официјалната програма на најголемиот хрватски фестивал за традиционална музика и танц „Меѓународна смотра на фолклорот“, го одбележа јубилејот 10. години од впишувањетo на “Гласоечкото пеење Долни Полог” на Ургентната листа на УНЕСКО со настапот на „Трио Гавровски“ заедно со Дарко Коцев, мултиталенриран инструменталист кој живее и работи во Германија. На двете главни фестивалски сцени во Загреб, на Плоштадот „Бан Јелачиќ“ и на сцената на Горен град на Грич (Градец) пред многубројната загребска публика беа претставени двете нематеријални културни добра од листите на УНЕСКО – Гласоечкото пеење и македонската Гајдата.

Покрај овие два настапи, во знак на одбележување на јубилејот, во просториите на македонскиот КИЦ во Загреб, а во рамките на програмата на 59. „Меѓународна смотра на фолклорот“ беше одржана трибина, ,,Нематеријална култура и идентитети: хрватски и македонски добра на листите на УНЕСКО”. Главна цел на трибината беше промоција на македонското нематеријално културно наследството и продлабочување на хрватско-македонските релации на полето на афирмација на хрватските и македонските нематеријални добра запишани на листите на УНЕСКО. Македонскиот КИЦ во Загреб ја реализира оваа трибина во соработка со македонската Управа за заштита на културното наследство .

На трибината земаа учество хрватски и македонски експерти за заштита на културното наследство. Воведно излагање имаше м-р Мими Ѓоргоска Илиевска, директорка на македонскиот КИЦ во Загреб. Свои излагања имаа и Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство, д-р Мирела Хроватин од Институт за антропологија – Загреб, м-р Ивона Опетческа Татарчевска, национален координатор за Конвенцијата 2003 за нематеријално културно наследство на УНЕСКО, како и проф. д-р Твртко Зебец, уметнички директор на „Меѓународната смотра на фолклорот“, голем пријател и соработник на Македонија во областа на заштитата на нематеријалното културно наследство.

На трибината од страна на панелистите беше потенцирано дека заштитата и негувањето на нематеријалното културно наследство е дел од колективната национална меморија и дека неговата заштита и промоција треба да е еден од императивите на секоја држава, имајќи предвид дека културното наследство е темелна државна вредност која треба да се пренесе на идните генерации.

Од страна на македонските панелисти беше потенцирана безрезервната помош и поддршка од страна на Хрватска. Уште пред 15 години започната е богатата соработка помеѓу двете земји во областа на заштитата на нематеријалното културно наследство. Оваа трибина беше дополнителен мотив и поттик за зајакнување и продлабочување на постоечката соработка меѓу Македонија и Хрватска.

Во рамките на трибината како ексклузивни гости настапија „Трио Гавровски“од Тетово, едни од малкутемина носители на  „Гласоечкото пеење“ заедно со Дарко Коцев.

Бројната хрватска публика, меѓу кои врвни проучувачи на нематеријалното културно наследство, беше воодушевена од спектакуларниот настап на „Трио Гавровски“ и од фактот дека семејството Гавровски со децении ја негува оваа единствена пејачка традиција, пренесувајќи ја усно, исклучиво во рамките на едно семејство.

Гласоечкото пеење потекнува од Долни Полог, во селата под Шара и Жеден и е признаено е од страна на УНЕСКО во 2015 година како вокална полифона традиција на која ѝ треба ургентна заштита.
Оваа година во рамките на фестивалската програма на 59. ,,Меѓународна смотра на фолклорот”, од Македонија се престави и фолклорната група „Копачката“, од с. Драмче, Делчево, уште едно македонско нематеријално добро впишано во УНЕСКО.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни