Од седми до десетти јули во Мала станица се одржаа 4 креативни работилници насловени „Приказни од мостот“ организирани од страна на Македонски центар за фотографија, а водени од Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, експерти во проектот „Споделени хоризонти“ којшто се спроведува во шест балкански држави. На првата сесија свое обраќање имаше и Амбасадорот на Франција г-дин Кристоф Ле Риголер, како и директорката на АЛДА-Балкан г-ѓа Катица Јанева.

Учесниците на овие работилници имаа можност теоретски и практично да се запознаат со креативните можности на фотографијата, визуелното раскажување приказни (storytelling) и ликовната уметност. Преку приказните за Мостот создадоа креативни дела, станаа свесни за значењето на културното наследство, а пред сѐ за важноста од градење на културни мостови коишто нѐ поврзуваат едни со други. Мостови кои ја пренесуваат нашата култура и историја и мостови кои нѐ запознаваат со културата на другите.

Работилниците се дел од проектот „Споделени хоризонти“ (Shared Horizons), #SharedHorizons компонента 2, имплементиран од АЛДА, ALDA – European Association for Local Democracy и финансиран од Expertise France.