Македонскиот јазик не е и нема да биде прашање за преговори или компромиси

Во објава на Фејсбук, Министерката за култура Костадиновска – Стојчевска, директно го прозва претседателот на собраниската Комисија за култура, Кастриот Реџепи, со апел што поскоро да ја активира работата на комисијата која треба да расправа за Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик.

Со новиот Закон за употребата на македонскиот јазик, ќе се прошират областите во кои задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо. Ќе се прошири опсегот на задолжително лекторирање на текстови што се објавуваат, а задолжително лекторирање ќе го врши само лектор со лекторска лиценца. Освен тоа, во предлог законот се предвидува основање на Инспекторат за употребата на македонскиот стандарден јазик, орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице.

Објавата на Министерката Костадиновска – Стојчевска ја пренесуваме во целост.

„Македонскиот јазик не е и нема да биде прашање за преговори или компромиси. Повикувам и инсистирам веднаш да се свика Комисијата за култура во Собранието и да се усвои Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик.

Уптаувам јавен апел до претседателот на Комисијата за култура во македонското Собрание, Кастриот Реџепи да ја активира работата на Комисијата и да обезбеди амандманска расправа за Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик.

Секое одложување на овој процес е во директна спротивност со меѓусебното и меѓукултурно почитување на различните заедници во нашето општество. Јазиците се средство за комуникација, но и културно наследство и идентитетско обележје, а македонскиот јазик е прв официјален јазик на нашата држава. Неговата заштита, промоција и употреба е приоритет кој мора да биде обезбеден и испочитуван.

Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик е изготвен и усогласен со Советот за македонски јазик, а во негова изработка учествуваше и пошироката стручна јавност.

Носењето на новиот закон е поддржано од сите пратенички групи кои изразија подготвеност амандмански да учествуваат во неговата финализиција.

Затоа, уште еднаш апелирам до претседателот на собраниската Комисија за култура, Кастриот Реџепи да покаже политичка одговорност кон македонските граѓани за важноста од донесувањето на овој закон“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни