17 ноември, Виена — Националниот џез оркестар вечерва во 20:30 часот ќе настапи во реномираниот виенски клуб Porgy & Bess, со што го заокружува концертниот циклус „Македонски сновиденија“ (Macedonian Dreams). Турнејата започна во Будимпешта, продолжи во Прага и завршува токму во Виена, на една од најзначајните европски џез сцени.
„Macedonian Dreams“ е внимателно создадена фузија на македонски фолклор, современ џез и авторски аранжмани, што оркестарот под водство на маестро Владимир Николов ја претвора во музичка приказна за корените, иновацијата и современиот идентитет. Николов, заедно со пијанистот и композитор Гордан Спасовски, ја гради драматургијата на проектот преку нови прочитувања на традиционалните теми.
„Оваа турнеја е важна затоа што промовира нов пристап — почит кон традицијата, но и современа музичка визија. Најважно е како комуницираме со нашето минато, а тоа го правиме преку аранжмани кои зборуваат јазик релевантен за денешната џез сцена,“ вели Николов.
Директорот на Националниот џез оркестар, Гоце Стевковски, додава дека целта е јасна: „Ова е целосно македонска џез приказна, која ја носиме низ Европа со огромна гордост. Реакциите во Будимпешта и Прага ни покажаа дека сме на вистинскиот пат.“

Концертите во Прага и Будимпешта оставија силен впечаток кај публиката. Во културниот центар „Ла Фабрика“ во Прага, познат по алтернативните музички и театарски програми, оркестарот беше пречекан со исклучително топла атмосфера. По последната композиција одекнаа повици „Уште, уште, уште“, а солистичките настапи беа поздравени со бурни овации. Македонската дијаспора и чешката публика подеднакво ја препознаа емоцијата на македонските теми обработени во современ џез јазик.
Публиката силно реагираше на композициите „Деветка“, „Касапско оро“, „Калајџиско оро“, „Писмо до човекот со шишињата“ инспирирано од Ратевка и посветено на Зоран Маџиров, како и „Lake Ohrid Lament“, инспирирана од „Ој ти момче охриѓанче“. Овие дела понудија препознатлива македонска мелодика вткаена во нов, модерен звучен контекст. Секоја соло делница — особено оние на саксофонистот Кирил Кузманов — беше пречекана со одушевување.
Во Будимпешта, оркестарот настапи во големата сала на Универзитетот ЕЛТЕ, со концерт што го отворија со „Деветка“ од „Леб и сол“ во аранжман на Кокан Димушевски и Владимир Николов. Публиката веднаш реагираше на енергичноста и виртуозноста на музичарите. Следуваа композиции инспирирани од Ратевка, посветени на Зоран Маџиров, како и делото „Reflection of Caress“, кое Николов го посвети на својот професор Илија Пејовски. Присутна беше и „Can You Dig It?“ на Васил Хаџиманов, како и авторските дела на Николов — „South Node“ и „Changing Landscapes“.

Оркестарот настапи во исклучително силна форма, а солистите — меѓу кои особено се издвојуваше Кирил Кузманов — ја понесоа динамиката на целата вечер. Настапот го проследи и Марија Ѓоргова, државна секретарка за култура и туризам, а концертот беше организиран со помош на професорот Златко Панзов од Универзитетот ЕЛТЕ и центарот „Balkan Heritage“.
Со финалниот настап во Виена, Националниот џез оркестар не само што ја завршува турнејата, туку и го поставува темелот за поголема европска присутност на македонскиот современ џез. „Macedonian Dreams“ останува проект што ја спојува традицијата, иновацијата и меѓународната видливост — токму она што му е неопходно на македонскиот културен идентитет во Европа.
