На 25 октомври, во малата сала на Филхармонија, свечено ќе биде отворено 25. издание на „Есенски музички свечености“ – еден од најзначајните настани на македонската концертна сцена. Годинешното отворање ќе го одбележи концертот „Македонски сновиденија“ во изведба на Македонскиот национален џез оркестар, под диригентство на Владимир Николов.
Проектот „Македонски сновиденија“ претставува енергична фузија меѓу македонскиот фолклор и современиот џез, каде што традиционалните ритми и мелодии се преточуваат во современ музички израз. Под водство на Николов, оркестарот ќе го поведе публиката низ музичко патување инспирирано од длабоките културни корени на македонската традиција, прераскажани преку јазикот на џезот.
Македонскиот национален џез оркестар, основан во 2024 година како национална институција, веќе се етаблираше како централна сила во македонскиот културен свет. Со своите иновативни програми и распродадени концерти, оркестарот се позиционира како национален џез бренд, кој ја негува домашната музичка традиција, но и соработува со врвни светски уметници.
Во изминатите настапи, меѓу гостите солисти се издвојуваат имиња како Курт Елинг, Марија Мендеш, Дони МекКаслин, Курт Розенвинкел, Дон Менца, Шеун Кути, Зиги Фајгл, Луис Бониља и Франческо Беарцати, кои со своето присуство го збогатија звучниот идентитет и меѓународниот углед на оркестарот.
Со концертот „Македонски сновиденија“, Есенските музички свечености уште еднаш ја потврдуваат својата улога како платформа за врвна уметност, дијалог меѓу жанровите и афирмација на македонскиот културен идентитет.