Со низа награди македонските млади саксофонисти го завршија учеството на Меѓународниот натпревар по саксофон што за време на викендот се одржа во грчкиот град Лариса, јави дописничката на МИА од Атина.
Успешниот настап на саксофонистите беше крунисан со пет награди, односно освоено едно прво место, три втори и една трета награда во три различни категории.
Во третата категорија за ученици од средни училиште, најдобар беше нашиот деветтоодделенец Стефан Трајаноски од ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ – Скопје, кој со композицијата „Fantasie Impromptu“ од A. Jolivet (ed. Leduc) го освои прво место.
Стефан е ученик во класата на проф. Владимир Трајаноски, чии ученици редовно освојуваат највисоки награди во државата и регионот.
Второто место во истата категорија му припадна на ученикот Христијан Мискоски од Државното музичко училиште од Битола, трет беше ученикот Леонид Ржаникоски од истото училишта, а и двајцата се од класата на проф. м-р Горан Трајковски чии ученици и минатите години освојувале вредни награди на овој реномиран натпревар во Грција.
Во петтата категорија за студенти по саксофон, втора награда освои Григори Ангелов, студент на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, во класата на проф. Нино Димов.
Во втората категорија (ученици од основно училиште), втора награда освои ученикот Јаков Ѓуровски, ученик од класата на проф. м-р Горан Трајковски во Државното музичко училиште од Битола.