Автобус со македонски регистарски таблички синоќа излетал од автопатот кај местото Добановци, јавуваат српските медиуми. Инцидентот се случил на делница од автопатот во правец кон градот, а возилото, според првичните информации, целосно ја напуштило коловозната лента.
Засега не е позната состојбата на патниците и возачот на автобусот. Српските медиуми наведуваат дека возач на друг автобус застанал на местото на несреќата со цел да укаже помош, додека се очекуваат дополнителни информации од надлежните служби.
Несреќата се случува во услови на изразено влошени временски прилики. Од вчера речиси цела Србија е зафатена од снег. Јавното претпријатие Путеви Србије, повикувајќи се на извештајот на Штабот за зимска служба, информираше дека на многу делници од патиштата од прв, втор и трет приоритет има снег со дебелина до пет сантиметри, а коловозите се влажни.
Од надлежните служби апелираат до возачите на зголемена внимателност и приспособување на брзината на условите на патот, особено во зимски услови и на автопатските делници.
