Со поддршка на Министерството за култура и туризам на овој фестивал учествувал и Томе Трајков-програм координатор на Стрип центар на Македонија-Велес. Тој одржал едночасовна промоција на македонската стрип сцена, а учествувал и на групната панел дискусија на тема „Предизвиците на стрип издаваштвото во регионот“ .
Како што информира Трајков, во категоријата на стрип списанија, во потесната селекција се нашла и македонсата ревијата „Стрип креатор“, заедно со списанијата OHOHOzine, Стрип префикс и Ирационалист од Хрватска, Рас комик од Србија, како и Винтарт и Вирџина од Црна Гора.
Како што нагласува Трајков, Интернационалниот фестивал за анимација и стрипови СУПЕРТЈУН има специфичен фокус на стрип изданија и вклучува повеќе категории – од стрип списанија, до книги и фанзини.
„Јас во наредните години ќе се заложам учеството на македонски издавачи да биде уште позабележително, бидејки ова претставува важен чекор кон поголема видливост на македонскиот стрип на европската мапа“, најави Трајков.

Тој информира дека неколку дена претходно од 18 до 22 јули, Јошаничка Бања била домаќин на 13-тата Меѓународна стрип колонија „Рашка 2025“, која и оваа година собрала бројни стрип автори, предавачи и млади таленти од Србија и регионот.
На оваа реномирана стрип колонија, македонската стрип заедница годинава ја претставувале авторите: Славица Купенкова, Евгенија Трајкоска, Анастасија Недељковска, Игор Поповски, Иван Михајловски, Јасмина Јовчевска.
Томе Трајков појасни дека на оваа колонија тој бил оперативен координатор на проектот „Сè што велиме е ДАЈТЕ МУ ШАНСА НА ПОМИРУВАЊЕТО!“.
Учесниците биле од стрип школи од Белград, Врање, Лепосавиќ, Велес, Тирана и Рашка, а во текот на петте дена од богатата програма, посетителите проследиле изложби, промоции, работилници и цртежи во живо.
Воедно учесниците работеле и на нови стрипови кои ќе бидат објавени во стрип списанието Ras Comic.
Помеѓу другото, во Галеријата на Културниот центар „Градац“ во Рашка, била отворена изложба на дела создадени во рамките на меѓународниот проект „Сè што велиме е ДАЈТЕ МУ ШАНСА НА ПОМИРУВАЊЕТО!“.
Покрај изложбите и промоциите, за време на стрип колонијата во Рашка биле организирани и работилници за илустрација под водство на Владимир Весовиќ, како и предавања од реномираните автори Бобан Савиќ Гето и Дарко Стојановиќ. Меѓу овогодишните гости и ментори биле Дејан Трајковиќ Декс, Љиљана Стризе, (двајцата од Врање, Србија) , и Валбона Авдулај од Валона , Албанија.