Македонската фотографија за прв пат претставена пред скопската публика, пред целата културна јавност!

„Фотографијата треба да има идентичен третман како што имаат другите визуелни уметности, идентичен, бидејќи ние го создаваме визуелното паметење за минатото. Фотографијата е во основата на културното живеење на една нација. Уништувајќи ја нејзе, се уништуваме самите себе, своето минато го уништуваме и затоа денес инсистирав на тие 170 години традиција, младите да ги едуцираме дека не се дрво без корен“, изјави Ацо Кондев на вчерашната промоција на монографијата „Современа македонска фотографија – Македонска фотографија 1945-2020“ во КИЦ.
Angel Angelovski photo

Вчера, во Културно-информативниот центар во Скопје, Фото сојузот на Македонија ја промовираше монографијата „Современа македонска фотографија – Македонска фотографија 1945-2020“. Ова капитално дело претставува прв интегрален пристап кон македонската фотографија, опфаќајќи речиси 80 години творештво на автори членови на Фото сојузот.

Фотографија: Небојша Гелевски

Промоцијата беше придружена со изложба на автентични дела од Архивата на Фото сојузот, кои за првпат беа претставени пред пошироката јавност. Меѓу изложените автори се истакнуваат имиња како Цветко Иванов, Благоја Дрнков, Кирил Билбиловски, Лазо Величковски, Ѓорѓи Гога Попов, Живко Јаневски, Благоја Бањански, Александар Цветиновски, Ацо Кондев, Владо и Лазо Плавевски, Билјана Јуруковска, Владимир Тодоров, Боро Рудиќ, Цветан Гавровски, Душан Доцевски, Валентин Малинов, Раде Луковиќ, Драги Неделчевски и автори од помладата генерација.

Ацо Кондев, еден од истакнатите фотографи, изјави: „Вечерва имаме извонреден културен настан. За прв пат после 80 години имаме еден интегрален пристап кон македонската фотографија каде се изложени фотографии од авторите, некаде преку 80 автори се застапени. Во книгата се застапени околу 160 дела. Значи за прв пат македонската фотографија се претставува пред скопската публика, пред целата културна јавност. Тоа е голем успех, не само на Фото сојузот на Македонија, туку и на сите фотографски творци.“

Angel Angelovski photo

Понатаму тој се осврна на значењето на фотографијата: „Фотографијата денеска е еден од најважните медиуми во современиот свет, на неа се базираат сите нови медиуми, филм, телевизија, дигитал артот. Се се базира на естетиката на фотографијата. Токму затоа фотографијата треба да има идентичен третман како што имаат другите визуелни уметности, идентичен, бидејќи ние го создаваме визуелното паметење за минатото. Фотографијата е во основата на културното живеење на една нација. Уништувајќи ја нејзе, се уништуваме самите себе, своето минато го уништуваме и затоа денес инсистирав на тие 170 години традиција, младите да ги едуцираме дека не се дрво без корен. Јас сум и благодарен на фотографијата, многу убаво си поминав, шетајќи се во нејзе и со нејзе.“

Angel Angelovski photo

Во предговорот на монографијата се истакнува дека содржината е сведена на одредени ограничувачки рамки, пред сè поради финансиски причини и недостиг од сеопфатен увид во материјалите на авторите кои се или беа дел од Фото сојузот на Македонија. Сепак, монографијата е посветена на фотографијата и нејзиниот развој во Македонија, а помалку на авторите и нивните достигнувања.

Фото сојузот на Македонија, основан во 1946 година како Фото-кино сојуз на Македонија во рамките на Народна техника, одигра клучна улога во развојот на македонската уметничка фотографија. Во текот на речиси 80 години постоење, Сојузот организираше школи за фотографија, основаше клубови и воспостави систем на вреднување на трудовите на авторите, доделувајќи звања и признанија.

Оваа монографија претставува значаен придонес во зачувувањето и промоцијата на македонската фотографска уметност, истакнувајќи ја нејзината важност во културното живеење на нацијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни