Македонска пошта издаде пригодна поштенска марка по повод големиот 75-годишен јубилеј на Националниот ансамбл за народни игри и песни.
Појавата на поштенските услуги во светот веднаш предизвикала проблем кој потоа се провлекувал со децении, а тоа е кој треба да ја плати поштарината – испраќачот или примачот?
Решенијата што земјите се обидувале да ги најдат биле различни, сѐ додека еден сопственик на мала пошта во Франција, во 1653 година не се досетил на своите клиенти да им нуди парченца хартија, наместо потврди за платен транспорт. Сепак, оттогаш поминале речиси два века кога конечно на 6 мај 1840 година не е воведена првата леплива марка како потврда за однапред платената поштарина.
Но, првата официјална одлука за печатење и продажба на поштенски марки е донесена од страна на Британската пошта, а овој вид на плаќање поштарина набрзо ќе го прифатат и сите останати земји. Поштенската марка, освен како потврда на плаќање на трошоците за транспорт, многу брзо на светот ќе му открие и нова љубов – филателијата. Ова пасионирано хоби на собирање и проучување на поштенските марки денеска е и своевидна платформа промоција на земјата-издавач и афирматор на нејзиното историско и културно наследство.
Филателијата ги обединува луѓето од целиот свет, без разлика на нивните професии, политички и верски убедувања и социјални класи, а љубовта кон неа ги надминува и границите на обично хоби.
Секако, и Македонска пошта ги следи филателиските трендови и издава три вида на поштенски марки: пригодни, редовни и доплатни, со кои може да се создаде прекрасна филателиска збирка од различни мотиви и тематики карактеристични за нашата земја. Редовните марки циркулираат во секојдневниот поштенски сообраќај и имаат различна тематика, а доплатните се со хуманитарна цел, а се печатат со одлука на Собранието на РС Македонија.
Пригодните марки се всушност јубилејни поштенски марки и се издаваат според програма одобрена од Владата на РС Македонија.
А токму таква марка, по повод големиот 75-годишен јубилеј доби и Националниот ансамбл за народни игри и песни ТАНЕЦ, што претставува голема чест. Сега филателистите ќе можат во своите колекции да ја вбројат и оваа марка со каталошка вредност на филателистичките шалтери во главните пошти во нашата земја, во Скопје, Битола и во Струмица, како и во продавницата за филателија во Охрид.
Танец е национална марка на Македонија и целосно заслужено ја доби и својата поштенска марка!