Македонската филхармонија со концерт во „Златната сала“ на Музикферајн во Виена

По повод 80 години од своето постоење, Македонската филхармонија ќе одржи свечен концерт во еден од најпрестижните концертни простори во светот – виенската „Златна сала“.

Македонската филхармонија годинава го одбележува јубилејот од 80 години постоење со концерт кој се одржа денес во „Златната сала“ на Музикферајн во Виена – еден од најпознатите и најценети концертни простори во светот.

Настапот претставува кулминација на прославата на 80 години од основањето на Македонската филхармонија, како и одбележување на 30 години дипломатски односи меѓу Македонија и Австрија. Со овој настап, Македонската филхармонија ќе стане една од ретките институции од регионот што настапиле на оваа сцена, позната по својата акустика и традиција во која свират најреномираните светски оркестри, меѓу кои и Виенската филхармонија.

На концертот во Виена како солисти настапија Ана и Игор Дурловски, под диригентство на маестро Јерухам Шаровски од Израел. Програмата ги спои македонската музичка традиција и европската класична уметност, со изведби на пет традиционални македонски песни во оркестарски аранжмани на Сони Петровски, „Тешкото“ од Глигор Смокварски, „Македонска парафраза бр. 2“ од Бете Илин и Симфонијата бр. 8 од Антонин Дворжак.

Според соопштението на Филхармонијата, програмата била осмислена како спој на македонскиот музички идентитет и европската уметничка традиција, симболично претставувајќи ја улогата на институцијата како културен амбасадор на земјата.

„Музикферајн“ е една од најпрестижните концертни сали во светот, изградена во 1870 година според проектот на данскиот архитект Теофил Хансен, инспириран од античката грчка и римска архитектура. Најпозната е нејзината „Златна сала“ со капацитет од околу 2.000 седишта, славена по својата извонредна акустика.

„Настапот на Македонската филхармонија во Виена претставува значаен момент за македонската музичка сцена, со кој институцијата ја зацврстува својата позиција на меѓународната културна карта,“ се наведува во соопштението на Филхармонијата.

Концертот во Виена е проследен со специјална програма во чест на македонските уметници кои придонеле за развојот на симфониската музика, како и документарен запис што ќе биде прикажан во рамки на домашната концертна сезона. Настанот е поддржан од Министерството за култура и Амбасадата на Република Северна Македонија во Австрија, како дел од проектот за културна дипломатија и интернационална промоција на македонската уметност.

Со настапот во „Златната сала“, Македонската филхармонија го потврдува своето место на европската културна мапа и ја претставува македонската музичка традиција во светло на современата европска сцена.

Извор: Телма.мк

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни