Македонија ќе ја претставуваат рекорден број млади спортисти на ЕМОФ Скопје 2025

Нашите претставници ќе се натпреваруваат во сите 15 спортови што се дел од програмата, што претставува историски момент за македонскиот спорт

Македонската спортска делегација ќе брои вкупно 203 члена, од кои 181 спортист на претстојниот Европски младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025, кој ќе се одржи од 20 до 26 јули во Скопје, Куманово и Осиек. Нашите претставници ќе се натпреваруваат во сите 15 спортови што се дел од програмата, што претставува историски момент за македонскиот спорт.

На денешната прес-конференција, на која официјално беше промовиран македонскиот националниот тим, се обратија Даниел Димевски, Претседател на Македонскиот олимписки комитет, Владимир Богоевски, Спортски директор на МОК и директор за спорт при ЕМОФ и Светлана Макаровска, шеф на мисијата на македонската делегација.

Најголем спортски настан во Македонија досега

„Станува збор за исклучително голем настан – убедливо најголемиот што досега го организирала нашата држава. Очекуваме импресивна бројка од околу 6000 учесници, меѓу кои 4300 спортисти од 14 до 18 години и тренери, 700 судии и официјални лица, 200 ВИП гости и 800 волонтери. Тоа значи дека Македонија во овие седум дена ќе пулсира со младинска спортска енергија, што ретко се гледа дури и на многу поголеми европски спортски манифестации Организацијата на ваков фестивал е вистинска привилегија, а особено сме горди што успеавме Скопје да го вметнеме на мапата на најзначајните спортски настани во Европа. Ова е уникатна можност за промоција на нашата држава на европско ниво“, посочи претседателот на МОК.

Претседателот на МОК порача дека настапот на ЕМОФ Скопје 2025 ќе биде клучно искуство во формирањето на идните спортски шампиони на Македонија.

„Ова се тие клучни години кога секој млад спортист се профилира и се гради како идно спортско име. Убеден сум дека искуството што ќе го доживеат на ЕМОФ Скопје 2025 – можноста да се натпреваруваат со врсници од цела Европа, да носат дресот на Македонија и да бидат дел од еден европски олимписки контекст – ќе им помогне побрзо да созреат и да израснат во врвни спортисти. Горди сме што успеавме да формираме толку квалитетна и бројна делегација и што им дадовме шанса на најдобрите млади таленти од нашата земја да бидат дел од ова спортско семејство. Верувам дека нивното учество ќе биде само почеток на многу успешни спортски приказни,“ истакна Димевски.

Спортскиот директор на МОК, Богоевски нагласи дека ЕМОФ Скопје 2025 ќе биде најголемиот спортски настан што некогаш се одржал во Македонија – со рекорден број спортови и натпреварувачи.

„Официјалното име на настанот е Европски младински олимписки фестивал, во рамките на кој се одржуваат и спортски игри. Ова е 18-то издание на фестивалот, а Македонија досега на сите претходни изданија заедно била претставувана од вкупно 50 спортисти. Овој пат, само во Скопје 2025, нашата делегација брои 203 члена, од кои 181 се спортисти – што претставува огромен исчекор за македонскиот младински спорт. Делегацијата ќе биде сместена во студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје, како и во Куманово, каде ќе се одвиваат натпреварите во кошарка, маунтајн бајк и друмски велосипедизам. Ова е историски момент за македонскиот спорт и организациски капацитет, и вистинска шанса да покажеме дека сме подготвени да бидеме домаќини на европско ниво.

Првпат во историјата на фестивалот ќе има 15 спортови, додека на досегашните изданија најмногу биле застапени 12. Тоа е рекорд и за самиот ЕМОФ, но и за Македонија како домаќин. Убеден сум дека настан од ваков обем не само што досега не бил организиран кај нас, туку нема да се повтори барем во следните 30 години.,“ посочи Богоевски, спортски директор на МОК и директор за спорт при ЕМОФ.

Шефот на мисијата на македонската делегација, Макаровска најави дека македонските спортисти се подготвени да остават силен впечаток на ЕМОФ Скопје 2025 – со поддршка од целата јавност и со Шајни, маскотата која ќе ги води низ фестивалот.

Важна е и поддршката од домашната публика

„Станува збор за млади луѓе кои се на почетокот на својата спортска кариера и за кои ова ќе биде непроценливо искуство. Преку настапот на ЕМОФ Скопје 2025, тие ќе научат како се натпреварува и како се претставува својата земја на младински олимписки игри – што ќе им биде исклучително важно како подготовка за идни олимписки циклуси.

Особено ми е чест да ја претставам маскотата Шајни, која ќе ги симболизира олимписките вредности – пријателство, единство, почит и спортски дух – на сите настани во рамките на фестивалот. Со голема гордост ги најавувам и нашите знаменосци на церемонијата на свеченото отворање – Кристијан Смилев, натпреварувач во кајак, и Матеа Поповска, одбојкарка. Тие ќе го носат македонското знаме пред очите на цела Европа.

Убедена сум дека македонската јавност ќе биде силен поддржувач на овие спортисти, кои ќе дадат сè од себе и на подготовките и на натпреварите, за Македонија да се претстави не само како најбројна, туку и како најтрофејна делегација на фестивалот,“ изјави Макаровска.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни