Земјите со највисоки приходи од изнајмување и најповолни даноци на недвижности можат да понудат најдобри финансиски приноси на инвестиции во недвижности. Новиот извештај ги анализираше сите релевантни фактори за да утврди каде е најдобро да се инвестира во недвижности во Европа.
Најдобрите европски земји за инвестиции во недвижности во 2025 година се наоѓаат во Централна и Источна Европа, а Молдавија е на првото место, пишува Euronews.
Оваа земја доби највисока оцена во новата студија на британската осигурителна компанија William Russell, која анализирала најисплатливи вложувања во недвижности во Европа.
Фокусот бил ставен на клучни елементи на инвестирањето, вклучително и стапките на данок на имот, данок на приход од закуп и бруто принос од изнајмување.
Во претходна студија на британската компанија 1st Move International, Литванија била на прво место, но во новиот извештај е рангирана како втора, веднаш по Молдавија, додека на третото место е Северна Македонија.
Според студијата, Молдавија е означена како „растечки, високо-профитабилен пазар за рани инвеститори подготвени на ризик“. Дополнителните трошоци за купување недвижност се максимум 2,8% од цената, а данокот на приход од закуп е 12%, што обезбедува добар принос.
Главниот град Кишињев бележи стабилен развој во инфраструктурата, угостителството и деловниот сектор. Растечкиот туризам, поттикнат од винската индустрија и културното наследство, создава можности за краткорочни изнајмувања. Иако не е членка на ЕУ, Молдавија е кандидат за членство.
Цените на недвижностите пораснале за скоро 10% во последниот квартал од 2024 година. Нема ограничувања за купување недвижности од страна на странци, а цените на изнајмување се преку 170% повисоки во споредба со 2015 година. Бруто приносот е околу 6,39% годишно, со трошоци за купување од околу 4,1%.
Северна Македонија е трета на листата. Скопје бележи урбанистички раст, развој на инфраструктурата и зголемена побарувачка за станбен и деловен простор. Земјата нуди ниски даноци и едноставна постапка за стекнување недвижности, со државни поддршки за странски инвеститори. Бруто приносот од изнајмување е околу 6,47% годишно.
Србија, заедно со Ирска и Летонија, нуди „многу добри“ стапки на принос – над 7% годишно бруто. Во Ирска, високиот приход е резултат на скапи кирија, но високите даноци можат да го намалат нето-приходот. Недостигот на станови води до раст на цените. Земји како Андора, Црна Гора и Бугарија комбинираат висок бруто принос со релативно ниски даноци на приход од закуп. Италија има нешто повисок данок (21%), но трета е според принос од закуп (7,56%), што ја прави атрактивна во зависност од инвестициските цели.
Во извештајот се заклучува дека, иако приносите и даноците се важни, треба да се земат предвид и други фактори: стапка на пополнетост, трошоци за управување и локални пазарни услови.