Влатко Сулев: Малата земја не мора да биде мала туристичка дестинација – со вистинска стратегија, Македонија може да стане големо искуство

Туризмот како стратешки столб, економски мотор и најсилен амбасадор на државата

Кога зборуваме за туризмот и неговиот развој, често го сведуваме на бројки – ноќевања, хотели, ресторани и туристички посети. Но, туризмот е многу повеќе од тоа. Тој е огледало на една држава и директен одраз на нејзината култура, историја и идентитет. Преку туризмот, земјата зборува за себе: за тоа кои сме, што нудиме и како се позиционираме во светот. Во таа смисла, туризмот е најмоќниот амбасадор што една држава може да го има.

Според Влатко Сулев, Македонија има реална шанса да го искористи туризмот како еден од своите клучни развојни адути, но само доколку тој се третира како стратешка, а не споредна економска гранка. За тоа, неопходна е јасна и одржлива стратегија, во чијшто процес на креирање ќе бидат вклучени сите релевантни чинители – приватниот сектор, туристичките асоцијации, државните институции, општините, граѓанскиот сектор и локалните заедници. Без ваква синергија, ниту една стратегија не може да биде ефективна или долгорочно применлива.

Туризмот има потенцијал да донесе економска диверзификација и стабилност. Тој отвора нови работни места, носи инвестиции, ги зајакнува локалните економии и создава услови за задржување на младите во земјата. Истовремено, влијае врз намалување на емиграцијата и го подобрува меѓународниот имиџ на државата. Затоа, туризмот не треба да се гледа како дополнување на економијата, туку како еден од нејзините клучни столбови.

Визијата е јасна: до 2030 година Македонија да биде препознатлива како еколошка, културно-историска, автентична и гастрономска дестинација во Југоисточна Европа. Но, одржливиот туризам подразбира и одржлив бизнис модел. Тоа значи привлекување куповно моќни туристи, кои ќе доаѓаат во континуитет, во текот на целата година, а не само сезонски или транзитно. Развојот на туризмот долж автопатските коридори е важен, но тој најчесто носи ограничени приходи и краток престој, особено кога станува збор за регионални туристи.

Големата слика, според Сулев, е целогодишен туризам. Туристи од Азија, како Кина и Јапонија, исполнети капацитети и во зимските месеци, и стабилен туристички тек надвор од главната сезона. Ова може да се постигне само со офанзивна и современа промоција, базирана на дигитален маркетинг, персонализирана комуникација и автентични приказни што одговараат на интересите на различни пазари. Клучното прашање не е само како да ги привлечеме туристите, туку како да ги задржиме подолго и како тие да создадат поголема додадена вредност за локалната економија.

Во тој контекст, не е доволно да се брои бројот на ноќевања. Подеднакво важно е да се анализира од каде доаѓаат туристите, колкава е нивната куповна моќ и колку реално трошат во земјата, како и нивното задоволство од искуството. Истовремено, потребно е јасно да се дефинира туристичкиот фокус (културен, планински, активен, вински, гастрономски или wellness туризам) и реално да се процени инфраструктурната подготвеност за нивен развој.

Современиот туризам не може да постои без одржливост. Денешниот турист не бара само комфор и луксуз, туку и еколошка одговорност, локални производи, органска храна и транспарентен однос кон природата и заедниците. Паралелно со тоа, дигитализацијата мора да стане функционална реалност во сите сегменти од туризмот, а не само декларативна цел.

Промоцијата останува еден од клучните фактори. Туризмот денес не се продава преку брошури, туку преку дигитални платформи, видеа, социјални мрежи, инфлуенсери и виртуелни искуства. Без јасна, модерна и конзистентна промоција, ниту една дестинација не може да се наметне на глобалниот пазар.

Во услови на силна меѓународна конкуренција, државната улога е незаменлива. Поддршката мора да биде системска, долгорочна и стратешка – преку инфраструктура, дигитални решенија, еколошка заштита и инвестиции во образовани кадри. Само така туризмот може да се развива стабилно и одржливо.

Малата земја има една клучна предност – флексибилноста и автентичноста. Македонија не мора да биде мала туристичка дестинација. Со јасна визија, фокус и партнерство меѓу јавниот и приватниот сектор, таа може да стане големо туристичко искуство и една од најсилните економски приказни во наредните пет до десет години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни